Граѓаните се насочуваат кон локалните производители: Нашето сирење е без хемикалии!

Цените се реални, велат производителите

by Fokus

Поскапувањето на цените на млекото и млечните производи во маркетите, ги натера граѓаните да се свртат кон локалните производители. Цените на сирењето и кашкавалот скокнаа високо, па народот почна да бара поевтина варијанта – повик до производителите кои чуваат стока.

Во денешно време, тоа е најлесно на социјалните мрежи, особено во групата „Земјоделие“ каде и луѓето бараат домашни производи, но и производителите ги нудат своите производи по далеку попристапни цени од тие во паркетите.

Еден од нив е и Ивица Ачкоски, од прилепскиот крај кој чува добиток и млекото и сирењето ги носи во млекара, но и го продава на луѓето приватно. Вели дека интересот за неговите производи е зголемен откако објавил во групата на социјалните мрежи.

„Луѓето си бараат поевтина варијанта и побарувачката се зголеми. Тоа е очекувано во време на ваква криза. Сепак, јас немам толку добиток за да ги задоволам потребите на многу граѓани. Се јавуваат често и луѓе од Скопје, но не можам да одговорам на нивните барања. Моите можности се да им ги понудам производите на луѓето од моето соседство. Сепак, очекуваме и нашите производи да поскапат, кризата не притиска сите“, вели Ачкоски за „Фокус“.

Освен сирење, производителите нудат и млеко, градинарски и овошни култури со можност за достава до местото на живеење на побарувачите. Производителите потенцираат дека нивните производи не се прскани со никакви хемикалии и дека се подготвени на природен начин.

Цени варираат од понудувач до понудувач. Се нуди домашни сирење по цена од 300 до 400 денари за килограм, при што се добива поддршка од останатите понудувачи дека цените се реални, со оглед на тоа дека станува збор за домашни производи, без никакви преработки.

„Штотуку ми го испорачаа сирењето од дебарскиот крај, што се рекламираше во оваа група. Сирењето е одлично, да го мачкаш на лепче“, задоволно коментира една скопјанка.

Цената на козјото се млеко во оваа група се движи од 70 денари од литар, додека пак козјата сурутка е поевтина – 50 денари за литар. Цената на килограм ореви е 150 денари, додека пак килограм копири чинат 35 денари, а доматите од скопските регион се продаваат за цена од 50 денари.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости