Граѓаните може да му дадат име на новиот Младински центар во поранешно „Матично“

by fokus

Општина Центар денеска соопшти дека собира предлози за име на новиот Младински центар кој ќе биде лоциран кај поранешно „Матично“.

-Сите граѓани кои имаат желба, можат да го дадат својот придонес, да ја посетат веб страната на Општина Центар, centar.gov.mk и во полето предвидено за предлози за име на новиот Младински центар да го внесат својот предлог. Победничкото име ќе биде јавно објавено по завршувањето на собирањето на предлозите и изборот на победничкиот предлог, стои во соопштението.

Општина Центар во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП, го реконструираат објектот на поранешно „Матично“, кој за многу кратко време ќе стане современ општински Младински центар, соопшти денеска Општина Центар.

Градоначалниците на Општина Центар и на Град Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, на почетокот на ноември лани ја најавија изградбата на новиот Младинскиот центар, каде после три месеци, градежните работи се на самиот крај.

Реконструкцијата опфаќа поставување нова фасада и покрив, внатрешно уредување на објектот, реконструкција на санитарниот јазол, промена на внатрешниот водовод, санирање на фекалната канализација, нови санитарии, ново електрично осветлување, телефонско и компјутерско вмрежување, видео мониторинг систем, како и громобранска и против пожарна инсталација.

Реконструктивниот зафат чини 6.941.282 денари со пресметан ДДВ. Општина Центар обезбеди 83 проценти од финансиските средства, односно 5.768.074 денари од Буџетот на општината за 2020-та година, а останатите 1.173.208 денари беа обезбедени од Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP), во форма на донација.

Поврзани новости