Градоначалникот Тоневски тврди дека е наместен : Во шок сум, силувањето е полошо и од убиство!

by fokus

Нема ниту трошка вистина во сите обвинувања кон мене, вели за „Фокус“ Тони Тоневски, градоначалникот на Пробиштип откако вработена во општината наводно го пријавила дека се обидел да ја силува.

Тоневски и на својот профил на Фејсбук ги демантираше гласините, но одредени медиуми тврдат дека од Секторот за внатрешни работи во Штип потврдиле дека на 13 овој месец, во Полициската станица со одредени надлежности во Пробиштип, извесна А.П. пријавила настан за кој веднаш било известено Основното јавно обвинителство во Штип.

Градоначалникот, видно вознемирен ни изјави дека целата работа со наводниот обид за силување е местенка.

,,Постојано ги следам новостите што деновиве се пишуваат на темава, и јас сум во шок. Целото мое семејство е потресено, имам сопруга и две возрасни деца за кои што ова е голема траума. Искрено, за кого и не би било? Јас ниту сум се обидел да силувам некого, ниту пак сум имал вонбрачна врска. Од медиумите дознав за целиот случај, и верувајте ми дека досега, ниту некој од полицијата, ниту пак некој од обвинителството ме побарал, или пак ме контактирал на било кој начин. Од медиумите дознав и за која личност се работи, бидејќи имаме млада жена со тие иницијали вработена кај нас во општината. Веднаш и се јавив, ја прашав што се случува, но нејзиниот одговор беше дека и таа не знае ништо. Според мене, ова е некаква местенка, обид да ми се нанесе штета, да ми се наруши угледот. Јас сум амбициозен и сериозен човек, посветен сум на својата работа, и сето ова го доживувам многу стресно. Значи, сепак се работи за сериозни обвинувања’’, вели Тоневски.

Тој додава дека изминативе денови постојано добивал телефонски повици, луѓе кои што го познавале го прашувале што се случило и дали има вистина во обвинувањата.

,,За еден маж да биде обвинет за обид за силување, или пак за силување, мислам дека тоа е дури и полошо од убиство. Ова ќе ми остави дамка за целиот живот, и да се докаже дека нема ниту трошка вистина, секогаш кога ќе се спомене моето име, луѓето ќе се присетуваат на овој настан. Прочитав во некои медиуми дека го вмешале и техичкиот премиер Емил Димитриев во приказнава, значи останав во шок. Тврдам дека нема вистина во приказните кои што деновиве се актуелни. Веднаш штом добијам информации од Обвинителството, ќе излезам пред јавноста со повеќе детали. Вака, и јас сум доведен во една ситуација кога чекам да ми се јават од полицијата или Обвинителството и да ми кажат за што точно се работи’’, изјави градоначалникот.

Тој е на оваа функција е од 2009 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости