Градоначалникот на Кичево за грешките на сајтот: Фатмир Дехари, блесок на блока, моч, сакање…

by fokus
 Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари е во шок откако повеќе медиуми ја објавија неговата биографија која што е истакната на официјалната страна на Општина Кичево, а која што изобилува со граматички и правописни грешки.

Шегите на сметка на Дехари ги преплавија социјалните мрежи, а најчести се коментарите дека се работи за некој вид на пародија.

,,Фокус“ телефонски го контактираше градоначалникот, кој што дури и не знаел за што точно се работи, и зошто неговото име денес се спомнувало толку често на социјалната мрежа ,,Фејсбук“.

,,Во шок сум! Јас прво помислив дека се работи за некоја правописна грешка за нешто кое што е напишано на мојот Фејсбук профил. Не ни помислив дека вакви пропусти се направиле на официјалната страница на општината, која што ја гледа целиот свет. Замислете само, имам тројца информатичари кои што се задолжени за уредувањето на страницата! И да биде работата уште почудна, еден од нив е Албанец, еден Македонец и еден Турчин. Зарем ниту еден од нив не забележал ништо грешно? Тие пишуваат, а не преведуваме на ,,Гугл“. Веднаш ќе ги свикам на состанок, а вам ви благодарам што ми појаснивте за што точно станува збор. Вакви пропусти не смеат да се случуваат! Јас не сум често пред компјутер, имам работни обврски, на терен сум, и не следам детално кој што објавил или напишал. Под итно ќе се корегира работата“, ни изјави Дехари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости