Градежна комора: Недозволиво е поради еден изолиран случај да се суспендираат ДУП-овите во Општина Центар

by fokus

Суспензија на дел од деталните урбанистички планови во Општина Центар би предизвикала тежок економски удар врз градежниот сектор, преку механизми кои се целосно правно неиздржани и директно ќе му наштетат на градежниот сектор и граѓаните, реагира Градежната комора.

Ваквото постапување, според Комората, ја ограничува слободата на пазарот и претприемаштвото и директно ги загрозува уставно загарантираните права на граѓаните и претпријатијата.

-Апсолутно е недозволиво преку противправни процедури да се попречува работењето на градежништвото. Апелираме до сите надлежни институции да се придржуваат до правните процедури и своите одлуки да ги носат во согласност со законите и Уставот. Се што бараме е почитување на законите, правото на сопственост, почитување на слободата на пазарот и сите останати права кои законски следуваат, а не се спроведуваат. Веруваме во спроведување на законски и уставно загарантирани права со кои ќе се надмине настанатата тешка ситуација во која градежништвото се наоѓа, наведува Комората.

Доколку постои спорен случај, институциите, нагласува, треба да си понесат одговорност за грешките и да најдат начин како спорот да го разрешат, без да ги оштетуваат сите останати на кои им се загарантирани правата на сопственост и обезбедување подобри услови во живеалиште во оваа општина.

-Во изминатите три години, градежниот сектор беше жртва на два мораториуми кои беа поништени од Уставниот суд, а кои предизвикаа огромна штета врз граѓаните, градежништвото и економијата воопшто. Со вакви постапки на работење директно се попречува работењето на претпријатијата и се ограничува правото на сопственост и стекнати права на имот. Преку механизми кои се бараат а се спротивни на позитивните прописи, се нарушуваат правата на граѓаните и претпријатијата, а со тоа се создаваат ненадоместливи штети по однос на имотот и економијата, пишува Комората.

Во реакцијата, Градежната комора предупредува и на последиците од евентуални нови суспензии на ДУП-ови или блокирање на, како што вели, целосно легалните процеси и уставно загарантирани права.

-Градежните претпријатија кои во моментов имаат стекнати права на имот и целосно легални процедури за добивање дозволи за градба, ќе бидат приморани да поведат правни постапки против институции и лица кои ќе иницираат вакви дејствија, а се целосно спротивни на законот. Предупредуваме дека судските исходи од ваквите постапки ќе значат милионски казни и штети врз буџетот на централните и локалните институции. Градежниот сектор во изминатиот период делуваше конструктивно, со многу разбирање за политиките, кои поради погрешна имплементација де факто направија огромна штета врз градежниот сектор. Постапките на незаконско носење мораториуми и слични дејства не може повеќе да се толерира, а градежништвото тој товар ни финансиски не може да го издржи, подвлекува Комората.

Додава и дека градежниот сектор поврзува 26 стопански гранки, но изминатите години е доведен во состојба да се бори со ликвидност. Дури 80 отсто од претпријатијата се соочуваат со потешкотии во организација на работата и намалена деловна активност, дополнува Комората.

Поврзани новости