Град Скопје: За секое исечено дрво ќе биде засадено ново

by fokus

Акцијата за сечење и кастрење дрвја во Карпош 4, Градот Скопје ја врши на барање на жителите согласно со сите законски постапки, велат од градската самоуправа во врска со исечените тополи во оваа општина.

Од таму посочуваат дека за секое исечено дрво, на истата локација или во непосредна близина Град Скопје ќе засади ново дрво.

„Денеска екипите на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ извршија акција во населбата Карпош 4, каде што на терен исекоа и извршија кастрење на повеќе дрвја. Истите се отстранети на барање (петиција) на жителите на околните згради, кои до Секторот за комунални работи на Град Скопје, на ден 26.04.2018 година, доставија барање за сечење на сувите стебла околу зградата на улица „Волгоградска“ број 1, како и за обновување на зеленилото околу овој објект“, информираат од Градот.

Стручните служби на Град Скопје на терен утврдиле дека станува збор за поголем број дрвја од различни видови, кои се со надмината физиолошка зрелост, со суви и кршливи гранки.

„Овие дрвја претставуваат опасност за минувачите, паркираните возила и самиот објект и за истите Градот Скопје издаде решение за нивно сечење. За преостанатите дрвја, кои се со широкоразградени крошни, со своите гранки ја удираат зградата и паркираните возила, причинуваат материјална штета и потенцијална опасност за минувачите, Градот Скопје издаде решение за нивно кастрење. Дополнително, сакаме да ја информираме јавноста дека овие дрвја и во минатото предизвикуваа опасност и штета,  а пред неколку години поголеми гранки кршејќи се предизвикаа поголема материјална штета на паркираните возила. За овој (и сите слични случаи), беше поведена судска постапка, и притоа јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ мораше да исплати  средства и да ја надомести нанесената штета“, посочуваат од Градот.

Поврзани новости