Град Скопје вработува дваесетина нови луѓе, работните места биле однапред утврдени

by Фокус

Град Скопје на чело со градоначалникот Петре Шилегов вработува дваесетина нови луѓе. Според огласот објавен од страна на Агенцијата за администрација, Градот бара 21 извршител за 20 работни позиции. Заинтересираните кандидат ќе може да пријавуваат до крајот на месецов.

Конкретно, Градот бара нови помлади соработници за присилна наплата и заверка на документи, за млади и за средно образование, за евиденција на податоци од областа на образованието и животната средина, за превод на албански јазик, за внатрешна ревизија…

Понатаму, локалната самомоуправа бара соработници и виши соработници за култура, за европски интеграции, за водење на бази на податоци за невладини организации, за координација на активностите на градоначалникот, за поддршка на комисиите на советот на Град Скопје…

Исто така, се бараат и раководители на одделението за занаетчиство, угостителство и трговија, на одделението за стратешко управување со животната средина, како и на одделението за меѓународна соработка.

Од Градот Скопје велат дека сите вработувања во градската администрација се вршат согласно постоечката систематизација на Град Скопје, каде, како што истакнуваат од таму, сите работни места се однапред утврдени.

„Сите се одвиваат согласно Плановите за вработување и согласно сите постапки предвидени со законските прописи во нашата држава. Потребата за вработувањата се базира на пополнување на работните места од постоечката систематизација на Град Скопје, кои се слободни како резултат на заминување во пензија или заминување (промена) од работното место“, се наведува во одговорот што го добивме од Градот.

Инаку, ова е единствена постапка за ангажман на нови луѓе во градската администрација во периодот откако беа договорени предвремени парламентарни избори за април. Како што веќе објави Фокус, Град Скопје неодамна спроведе постапки за вработување на 21 човек на 12 работни места, односно на четворица советници-комунални инспектори, тројца советници-овластени инспектори за патен сообраќај, двајца овластени инспектори за даноци на имот, двајца овластени инспектори за комунални и други такси итн.

В.С.

Поврзани новости