Град Скопје со предупредувања и препораки поради загадувањето на воздухот

by Fokus

Поради нарушениот квалитет на амбиентниот воздух и надминување на граничните вредности за партикуларните честички помали од 10 микрометри (РМ10), што е резултат на загадувањето на воздухот, но пред се на стабилната временска состојба карактеристична за Скопската котлина во зимски услови, која не дозволува дистрибуција на загадувачките материи, Градот Скопје ги информира граѓаните дека ги прогласува следните мерки од прв степен – предупредувања и препораки:

-Се препорачува на одделни категории на населението (малите деца, бремените жени, хроничните болни, постарите луѓе) да не излегуваат на отворено;

-Се препорачува на граѓаните да не ги проветруваат просториите во кои престојуваат;

-Се препорачува да не се користат уреди за затоплување на просториите и за готвење на фосилни горива, особено ако сопствениците и корисниците се свесни дека немаат обезбедено ефикасно одведување на чадот;

-Се предупредуваат граѓаните и правните лица да ги одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови, пестициди и сл. со кои се загадува воздухот во просториите;

– Се апелира до сите граѓани да не ги користат своите автомобили без поголема потреба и да ги користат средствата за јавен превоз;

-Се повикуваат граѓаните при затоплување на своите домови, да не користат недефинирани горива и отпадни материи од различни технолошки процеси (отпадно масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пластична амбалажа, гума или синтетички материјали);

-Се повикуваат возачите на тешките товарни возила да ја  почитуваат сообраќајната сигнализација за движење низ градот;

-Се повикуваат сопствениците и корисниците на камионите да не ги користат ако немаат регулирано испуштање на отпадните гасови;

-Се повикуваат раководителите на градилиштата пред пуштање на камионите надвор од градилиштето задолжително да организираат миење на гумите заради отстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен ископ истиот да биде затворен со церада;

-Се апелира до стопанствениците своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да избегнуваат се што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Инспекторатот на Град Скопје.

Поаѓајќи од изнесеното, Град Скопје ги повикува граѓаните да се придржуваат до дадените мерки со што ќе дадат личен придонес за подобар квалитет на воздухот во градот, што е заедничка потреба и цел кон која сите заедно треба да се стремиме. Градот Скопје продолжува во континуитет со своите редовни активности во насока на намалување на загадувањето на воздухот, а за секоја настаната промена на состојбата редовно ќе ја известува јавноста, соопштија од Град Скопје.

Поврзани новости