Советот на Град Скопје, по предлог на градоначалникот Петре Шилегов, денес ја усвои одлуката за скалесто зголемување на цената на водата во наредните 4 години за РЖ Услуги (Комплекс Железара), која сега изнесуваше 2,5 денари за кубен метар, што е многу помалку од цената која ја плаќаат другите правни субјекти – 46,63 денари за кубен метар.
„Во 1970 година склучен е договор по основ на кој РЖ Услуги плаќаат само 2,5 денари без пресметан ДДВ за користење на питката вода. Фирмите користат 27 отсто од питката вода за ладење на нивните печки. Вакво нешто не е дозволиво. Најдобро решение ќе биде ако најдат техничка вода за нивните потреби. Предлагам скалесто зголемување односно оваа година цената да се зголеми на 11,65 денари за кубен метар, во 2019 на 22,75 денари, во 2020 на 34,20 денари и во 2021 на 46,63 денари за кубен метар. Со тоа во 2021 цената ќе се изедначи со онаа која ја плаќаат другите правни субјекти – рече Шилегов.
Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Душко Весковски вели дека ваквото зголемување на цената на водата на РЖ Услуги ќе го подобри работењето на претпријатието.
-Одлуката за цената која беше на сила досега била донесена на Управен одбор на претпријатието но никогаш не поминала на Советот на Град Скопје што ја прави незаконска. Во моментов Комисијата на Водовод и канализација работи на предлог кој ќе биде доставен до Регулаторна комисија, цената на водата која ќе ја плаќаат скопјани да остане иста и во наредниот период. Трошоците кои ќе ги имаме со преземањето на пречистителните станици ќе ги покриваме со средствата од зголемената цена на РЖ Услуги и домаќинско работење на претпријатието, како и новата систематизација која ќе биде донесена на лето, согласно насоките на Министерството за информатичко општество и администрација – вели Весковски.
Инаку, за зголемување на цената на водата која ја плаќа РЖ Услуги гласаа и советниците на ВМРО-ДПМНЕ.