Град Скопје нема да плати ниту денар за новогодишниот концерт на Мерлин

by fokus

Новогодишниот настап на големата регионална музичка ѕвезда Дино Мерлин, на плоштадот Македонија во Скопје, кој вчера го најави градоначалникот Петре Шилегов, нема да го чини градот ниту денар.

Истиот ќе биде покриен од спонзори, информираат за „Фокус” од ПР службата на Шилегов. Околу тоа колку точно изнесува хонорарот на музичарот, не откриваат детали, но потенцираат дека целата сума ќе биде платена од спонзори. Инаку, босанскиот музичар Дино Мерлин (Ервин Делишхалидовиќ) важи за најскапо платениот пејач на Балканот.

Во минатото, кога настапувал за новогодишната ноќ на плоштади во повеќе земји во регионот, тамошните медиуми известуваа дека неговиот хонорар за дочекот на Новата година се движел околу сто илјади евра. И пред две години, кога во Велес на јавна анкета граѓаните го избраа да им пее на Питијадата, тогашниот градоначалник Славчо Чадиев ни откри дека им побарал сума од 60.000 евра, но поради немање на слободен термин во тој период, манифестацијата помина со друг пејач, наместо со Мерлин.

Македонската публика можеше да го слуша Дино пред две години, кога настапи на манифестацијата Струмица Опен Фест, но и во Прилеп во 2015 година, на Пивофест. Истата година тој имаше голем солистички концерт во Скопје, во Арена Борис Трајковски, каде го промовираше албумот „Хотел Национал”.

По концертот во Скопје, одржа концерт и во Охрид, на стадионот Билјанини извори. Она што беше специфично, а кое ретко кој пејач од страна кој ни гостувал го направил, е тоа што по големиот концерт во Скопје, Мерлин донираше 300.000 денари на клиниката за детски болести. Хуманиот гест наиде на позитивни критики од страна на јавноста и Мерлин на некој начин им одржа лекција по хуманост на своите колеги. Нема официјална најава дали и по новогодишниот концерт Дино ќе ја изненади јавноста со некој сличен гест.

-Сакам да нагласам дека разликите и тешкотиите не постојат кога срцата ни се отворени, а целите исти. Целта е за Нова година во Скопје да реализираме шоу какво што заслужува овој посебен град и земја и да го дадеме најдоброто од себе на сите драги луѓе кои заедно со нас ќе влезат во Новата 2020 година – изјави вчера Мерлин.

Поврзани новости