Град Скопје ќе ја награди екипата на „Медена земја“ со 600 илјади денари

by fokus

Градот Скопје планира да додели парична награда во вредност од 600.000 денари за авторската и актерската екипа на документарниот филм „Медена земја“ кој беше номиниран за Оскар.

Ваква одлука, како што информираат од Град Скопје, се очекува да биде донесена на денешната седница на Советот на Град Скопје.

– Оваа награда се доделува за придонесот на ова филмско ремек-дело за афирмација на нашата земја и култура во светот, како и за промоција на вистинските човечки вредности и односот кон животната средина од која зависиме и која треба да ја чуваме. Градот Скопје со овој чекор ја потврдува својата заложба за поддршка и афирмација на културата, со надеж дека ваквиот позитивен однос ќе ги поттикне културните работници да творат и да создаваат незаборавни дела, велат од Град Скопје.

Филмот „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов освои многубројни награди на престижни филмски фестивали низ светот, а беше номиниран и за Оскар, во категориите Најдобар документарец и Најдобар странски филм. Приказната за Атиџе, одгледувачка на диви пчели испрати силна порака за важноста на здравата и чиста животна средина и за зачувување на рамнотежата во природата.

Поврзани новости