Гоце Трајковски, режисер: Мислев дека филмот за Анче ќе е едноставен, се додека не го запознав Александар Џамбазов!

by Fokus

Младиот студент по режија, Гоце Трајковски-Тарантино иако се уште официјално не ја добил факултетската диплома, тој веќе зад себе има сериозни проекти на кои работел во изминатиот период.

Трајковски беше сценарист и асистент на режија на документарниот филм за актерката Анче Џамбазова и беше вклучен во македонската серија „Преспав“, која досега имаше успешни четири сезони.

Тој во интервју за „Фокус“ раскажа и за соработката со Игор Џамбазов, со кого работи на документарен филм за него, но и за случките за време на снимањето на „Преспав“.

Целата моја приказна со семејството Џамбазови има еден интересен драматуршки тек на настаните. Расплет кој воопшто не можеш да го планираш и очекуваш. Од самиот филм за Анче, па се до спотот за новата песна на Игор кој го снимивме за време на ручек пауза од снимањето на тв серијата „Преспав““, го започна разговорот Трајковски.

Пред да почне ангажманот за документарецот за Анче Џамбазова, Трајковски работел и на документарен филм за Перо Стратров и мислел дека се ќе биде едноставно.

Очекував за филмот за Анче да биде едноставно, знаев што точно ми е работата. Се до оној момент додека не го сретнав професионално на сет маестро Александар Џамбазов. Тој ми беше најголем предизвик во тој проект“, додава младиот режисер.

Како што додава тој, собрал многу материјали од МРТ, кои планира да ги искористи во документарниот филм за Игор Џамбазов, насловен како „Гол човек“. Додека се снимал филмот за Анче, емоциите преовладувале, раскажува Трајковски.

Има една реплика маестро Александар во филмот, каде вели: Кога ви раскажувам за тоа време, си мислам дали сонувам, дали фантазирам. Како можевме да бидеме толку добри другари.. и се кај нас да се собираме и да се дружиме. И навистина разговорот со него е патување низ едно време кое ние денес можеме само да го замислуваме, од аспект на културата и начинот на живот. Секако дека ќе преовладува емоцијата кога станува збор за толку голема приказна“, вели Трајковски.

Секое ново искуство за него е значајно. Тој вели: нашата работа е занает. Како што им раскажувал големиот Горан Стефановски: Треба да биде Факултет за драмски занаети, а не за уметности. Затоа што уметноста не се учи, туку занаетот.

Што се однесува до филмот за Анче Џамбазова, Трајковски вели дека не можело да се постигне да се доловат сите моменти, туку во прв план биле ставени оние најзначајните.

Тој додава дека од текстовите и приказните на Игор Џамбазов добил идеја и да се сними филм за него.

Игор Џамбазов е  човекот од кого научив како се сака Македонија. Започнавме од Маврово кога ме покани Пиже да им бидам гостин, таму снимивме една поема од Блаже Коневски „Убавите жени на мојот народ“. Потоа заминавме за Гари, во принцип поминав со него низ многу градови и села. Кога патуваш со него низ Македонија, како да е со тебе Гугл Мапс, го знае секое ќоше од земјава. За секоја кривина има по една приказна“, раскажува Трајковски.

Филмот за Џамбазов се снима веќе една година, а процесот ќе трае уште толку сигурно. Режисерот вели дека со голема љубов се работи на ова дело, без никаква финансиска поддршка засега.

Предизвик е да се работи и со него. Џамбаз е некоја поблага верзија од маестро Александар, така да штом го преживеав него верувам ќе излезам на крај и со Игор. Треба само да си трпелив со него. Кога не сум сигурен околу некои работи, испраќам абер до Калифорнија, Сан Франциско кај неговата сестра Татјана Џамбазова. Сепак таа го знае најдобро од сите“, додава тој.

Трајковски една вечер прочитал во медиумите дека Џамбазов е хоспитализиран и веднаш тргнал да го бара, затоа што бил сигурен дека е лажна вест.

Тропав силно на вратата кај него дома. По некое време ми отвори, а јас задишан: Игор. Е не бе, комшијата е, ајде влагај, ми рече. Тогаш сфатив со какви работи се соочува еден човек како него“, истакна нашиот режисер.

Македонската серија „Преспав“ доживеа огромен успех во нашата земја и несомнено ја освои публиката од нашето поднебје. Овој проект на кој работеше Трајковски, бил сериозен залак за него.

За мене тоа беше нешто сосема ново, друг левел и досега најголемиот предизвик во однос на функцијата која ја извршував како асистент на режија. За да добиете таков производ треба да имате добра продукција како Охо, луѓе како Пеце Талески, Ана Дескова, Изи и човекот од кого научив повеќе за нашата работа во една сезона одколку четири години на академија. Тоа е Никола Мадиќ, бев негов асистент по режија. Уште на самиот почеток ме остави да ги направам сите грешки за да научам, потоа ми дозволи да го водам снимањето што беше за мене голем предизвик и голема чест“, раскажува Трајковски.

Последниот ден од снимањето на крајната епизода на четвртата сезона на „Преспав“ бил многу возбудлив и интересен.

Најинтересно беше кога на последниот ден од снимањето донесоа коњ на сетот. Тоа беше изненадувањето кога се враќа ликот на Владо Јовановски во пансионот Преспав. Да донесеш коњ во Македонска радио телевизија е навистина нешто невообичаено. Тој ден не знаев дали воопшто ќе заврши. Таа сцена се снимаше многу долго, но на крајот вредеше“, посочува режисерот.

А додека се снимала серијата, се „родил“ и видео записот за песната „И племето и семето“ на Игор Џамбазов.

На ручек паузите јадев побрзо и бегав да одморам во собата на Ула, навистина удобен пансион. Во меѓувреме, Џамбаз им пушташе на колегите една песна „И племето и семето“. Ја слушаа често, а по неколку денови сите го научија текстот. Џамбаз ми предложи ручек паузата да ја искористиме за да снимиме и спот. Не бев сигурен како ќе го изведеме тоа, затоа што имавме само 45 минути. Тука се уверив колку е тој точен во тоа што го работи. Ми рече: уживај ќе имаме време и да јадеме набрзина. Така и беше. По некое време го извадивме спотот“, раскажува Трајковски.

Со снимањето на серијата се создаваат големи пријателства и луѓе кои секогаш ти даваат елан во кариерата.

Јелена Јованова навистина ми помогна. Знаеше да ме тргне на страна и да ми даде по некој совет со оглед на тоа што има премногу искуство во оваа професија. Потоа (инспекторот Томе), Горан Стојаноски кој знае да биде прав другар. Владимир Тулиев (Дончо) исто така. Една вечер после снимањето заминавме со него во Штип кога ја играше претставата „Амадеус“, тој беше Салиери. Генијално го одигра. Потоа работата со режисерот Изи, особено оние моменти кога ќе ми речеше: Тарантино, ајде да газиме. Така добивав инспирација да работам. И сега кога ќе се навратам на тие моменти сфаќам колку пријателства створив со дел од екипата за само една сезона“, вели тој.

Трајковски требал да дипломира во јуни, но поради ситуацијата со корона вирусот, дипломската задача се одложила и тој се надева дека во септември ќе го заврши неговиот дипломски филм. Потоа, тој заминува на постдипломски студии во Калифорнија.

За Трајковски најголема инспирација е режисерот Дејвид Линч и филмовите „Blue Velvet“, „Mullholland drive“, неговата култна серија „Twin Peaks“. Нашиот млад режисер вели дека секој сегмент од неговата работа е магија.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости