Ѓорѓиевски: Училиштата, градинките и домовите на културата се безбедни

by Fokus

Сите училишта, градинки, јавни установи, културни домови и спортски сали се безбедни, соопшти претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски по денешната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС.

Инспекциите, како што рече, ќе продолжат и во наредниот период опфаќајќи не само јавни објекти, туку и станбени згради и урбана опрема во општините, со меѓуопштинска соработка каде што е потребно, за да се осигура дека секој објект е безбеден.

„Во координација со колегите градоначалници е утврдено дека во некои општини недостасуваат инспектори. Овој предизвик ќе биде надминат преку меѓуопштинска соработка, со цел да се провери секој објект во државата и да се обезбеди максимална безбедност.

Освен тоа, беше донесена препорака до сите општини, училиштата и јавните установи да ги откажат планираните јавни настани или да најдат соодветна замена за нив“ рече Ѓорѓиевски.

Еден од предлозите е да се засадат дрвца во чест на младите лица кои трагично ги загубија животите, како симбол на почит и сеќавање.

Вонредните инспекциски контроли во моментов ги вршат инспектори од локалната самоуправа во соработка со инспектори од централните институции, вклучително и Дирекцијата за заштита и спасување кои проверуваат дали во објектите има исправни противпожарни апарати, хидранти и дали персоналот е обучен за нивно користење.

„Во постојана комуникација сме со Владата и со Премиерот, бидејќи институциите мора да делуваат заеднички за да се обезбеди максимална безбедност и системско решение за овие проблеми. Ова е сензитивен период за целата држава, но граѓаните треба да веруваат во институциите и во локалната самоуправа, која со одговорност работи на подобрување на безбедноста во секој сегмент од јавниот живот“ нагласи Ѓорѓиевски.

Поврзани новости