Ѓорѓиев: Бугарската и грчката историографија мора да престанат да ја третираат македонската нација како вештачка

by fokus

Шефот на македонската комисија за ревизија на учебниците, Драги Ѓорѓиев, вели дека со бугарските колеги ќе разгледуваат проблематични точки од историјата кои се протегаат во период од Самоиловата државата до II светска војна.

Двете комисии на крајот на месецот за прв пат ќе се сретнат за да ги утврдат точките каде најмногу се судираат двете историографии. Ѓорѓиев вели дека комисиите немаат ингеренции за ревизија на историографиите, туку ќе работат само на анализа на учебниците.

-Би почнале од Среден век, Кирил и Метод и Самоиловата држава, па се до Втора св војна. Би го опфатиле периодот околу втората половина 19 век, формирањето на организацијата, идентитетските прашања, Втората светска војна и настаните околу војната, како е тоа третирано во македонската, а како во бугарската историографија. Со втората светска војна би ги завршиле тие проблематични точки – вели професорот Ѓорѓиев во интервју за „Фактор магазин“.

Тој додава дека анализата на учебниците по историја ќе се врши со помош на современи академски и методолошки принципи.

-Тука слободата на комисиите ќе биде голема, не очекувам притисок ни од наша ни од бугарска страна – вели Ѓорѓиев.

Иако посочува дека работата на комисиите ќе се задржи на учебниците, сепак додава:

-Тие историографии, бугарската и грчката, треба да престанат да ја третираат македонската нација како резултат на Коминтерната, дека е вештачка нација и насила создадена. Мора да ги сфатат процесите кои се случувале во втората половина на 19 век и првата половина на 20 век, чиј резултат е денешната македонска нација, јазик, лиература и постоењето на оваа држава. Мора да се преиспитаат и тие историографии. Не е прашање на македонската историја како гледа на своето минато, туку и на нивните истериографии кои мора да надминат некои стереотипи – порачува Ѓорѓиев.

Тој верува дека преговорите ќе бидат тешки со Бугарија, затоа што, додава, Бугарија е веќе во ЕУ каде што Македонија сака да биде.

По однос на преговорите со името, професорот посочува дека не е под прашање губењето на македонскиот идентитет со менување на името на државата, затоа што, вели, државата и институициите кои го штитат идентитетот ќе продолжат да постојат.

Поврзани новости