Гораст Цветковски: Гејмер до балчак!

by Фокус 11:31
11:31

FOKUS 955.indd

Гораст Цветковски  е фино момче. Секогаш насмеан, како и секој Близнак според хороскопот. Но, во исто време и секогаш подготвен да го прифати предизвикот и да каже до каде му се границите. Можеше да биде електроинженер. Амбициозно почна, со 10-ка просек во првата година. Но, Близнакот во него го пренесе на друго поле на интерес. Актер, водител, забавувач, малку недостасување да биде и угостител, вљубеник во компјутерите и нивниот шарен и динамичен свет, одличен пријател, сопруг и татко. Да, го знаете ова момче. Гораст Цветковски денеска е нашето друштво за прошетка во Скопје Сити Мол.

- Advertising -

gorazd

ФОКУС: Секој што се занимава со одредена професија тежнее да стигне до највисокото признание од таа област. Па, искрено, посакувате ли да бидете на гламурозната сцена со Оскар во едната, и парче хартија со мини-список кого да поздравите во другата рака?

ЦВЕТКОВСКИ: Кој не би посакал Оскар? Мислам, сигурно има и такви хејтери, но јас не сум од нив. Со мала разлика што нема да има ливче. Сите ќе ги „набубам“ наизуст.

ФОКУС: Публиката Ве препознава од театар, филм, реклами, телевизиски емисии… Но, има една друга страна што ја знаат само тие што ги интересира светот на технологијата. Кој и што ве навлече на компјутерите и нивниот свет?

ЦВЕТКОВСКИ: Јас мислам дека сум правен за таа насока. Од секогаш по дедовци, баби, свадби и веселби кога прашувале што ќе станам кога ќе пораснам, секогаш било програмер, компјутерџија, електроинженер, но, ете, така, малку работите (за среќа) се избалансираа и на другата, „непрактичната“ страна.

gorazd2

Гораст бил запишан на ЕТФ. Во прва година дури со одличен просек. Очекувал програмирање и дизајн, но на факултетот се соочил со многу математика и електротехника, поради што носи одлука за миграција на друг факултет. Се запишува на ФДУ. Дипломира во класата на Владимир Милчин.

ФОКУС: Вљубеник во компјутерските игри. Кои се игрите што се ваша слабост?

ЦВЕТКОВСКИ: Вљубен сум во 3D FPS или по нашки кажано игри во прво лице, во кои се пука, стратегии во реално време (RTS) ми се слабост, а од пред некое време и дигитални игри со карти (НЕ, не покер) ми се одморање.

ФОКУС: Постојано се обидувате да направите нешто повеќе за сите што се на иста бранова должина по ова прашање. Ви успева ли? Сака ли Македонија игри? Сакаат ли да се натпреваруваат? Постои ли гејминг-култура во нашата земја?

ЦВЕТКОВСКИ:  Постојат огромен број луѓе што обожаваат игри, кои играат, кои се натпреваруваат, читаат, прават и програмираат игри. Луѓе што сакаат да дискутираат и да дебатираат за овој вид супкултура, кој преминува во мејнстрим. Не можете ни да ја претпоставите таа бројка… не можев ни јас додека не го почнав походот.

gorazd3

ФОКУС: Има ли Македонија некаков статус на светско ниво на компјутерски игри?

ЦВЕТКОВСКИ: До пред неколку години (за жал) имавме високо рангирани тимови, па дури и прваци во DotA и Counter Strike. Не знам каде пукна лустерот и повеќе Македонија не праќа свои тимови на светските првенства. Македонија има феноменални играчи речиси во секоја игра и мислам дека набрзо ќе ги запознаеме.

ФОКУС: Кој е најголемиот предизвик во таа област?

ЦВЕТКОВСКИ:  Да ја почнеме, конечно да се мапира и таа област кај нас. Не знам кај нас дали воопшто се прави нешто на ова поле од други инстанци, освен од ентузијастите што го почнуваат тоа. Но, јас мислам дека сѐ што ќе истрае доволно долго, ќе вроди плод, па затоа верувам дека за некоја година ќе имаме многу повеќе институции, кои кога ќе им се спомне гејмингот, нема да го гледаат само како монопол.

ФОКУС: Имате искуство во подготвување веб-страници. Кои македонски портали имаат добра страница на интернет? Кои сајтови најчесто сакате да ги посетувате?

ЦВЕТКОВСКИ: Посетувам ограничен број сајтови, па затоа и не можам да издвојам добра или лоша. Технолошки сум „вооружен“ со RSS прелистувачи, па вестите ми доаѓаат сами. Ако нешто пропуштам, сигурно ќе ми излезе пред очи на Фејсбук.

gorazd4

Скопје Сити Мол на 4 октомври го слави својот втор роденден! Спектакуларниот настан со кој ќе биде одбележан роденденот, осмислен е со богата и интересна програма, а главен акцент ќе биде ставен на моднoто шоу, кое за првпат ќе се одвива на петтото ниво на Катната гаража. Таму ќе бидат промовирани колекциите Есен/Зима 2014-2015 на најдобрите брендови од Скопје Сити Мол, и тоа низ призмата на четири, различни приказни.

gorazd5

„До балчак“ го исфрли Гораст во центарот на медиумското внимание. Тој беше прв кој откри дека постои незадоволство кај екипата што работеше на овој проект. Искрено, на својот профил на социјалните мрежи го сподели својот став, во кој откри дека има кочница во поглед на исплатата на хонорарите на екипата што работеше на овој филм.

ФОКУС: Да се вратиме на вашата актерска кариера. Деновиве посебно сте актуелни поради проектот „До балчак“. Се сменија ли нештата? Добивте ли некакво уверување дека ќе се случи она што го побаравте?

ЦВЕТКОВСКИ: Не.

ФОКУС: Колку од вашите колеги ве поддржаа?

ЦВЕТКОВСКИ:  Јас не почнав движење за да очекувам/барам поддржувачи. Јас напишав статус, кој на Фејсбук беше моја реакција. Сѐ што следуваше понатаму е надвор од мојата јурисдикција.

ФОКУС: Во последно време кај нас стана тренд, доколку изнесеш став, веднаш добиваш политичка етикета. Ви пречи ли тоа?

ЦВЕТКОВСКИ: Хмм… мојот став не доби политичка етикета… или јас не сум упатен. Ако ставот има политичка етика, тој ќе добие таква. Ако е неутрален, сите бои ќе го сметаат дека е на нивна страна.

ФОКУС: Кои се добрите моменти што ги имавте додека траеше снимањето на „До балчак“?

ЦВЕТКОВСКИ: Има многу. Јавање коњи, пејзажи, искуство, неверојатна дружба и познаници. Јас тогаш станав татко, така што повеќето од мозочните клетки ми беа насочени кон Скопје.

ФОКУС: Какви беа вашите очекувања за филмот „Трето полувреме“? Каква беше вашата реакција кога го следевте овој филм, ама не како учесник, туку како гледач?

ЦВЕТКОВСКИ: Уште не сум го гледал како гледач. Мислам и дека никогаш нема ни да можам. Пристрасен сум максимално. Ми се допаѓа, одлично искуство, феноменален процес.

ФОКУС: Сто одиграни претстави на сцената на МНТ во 2010 година. Ви ја донесоа наградата „Амфи“. Ја надополнивте ли оваа бројка во текот на следите години?

gorazd7

ЦВЕТКОВСКИ: Следната година со релативно олабавен распоред повторно бев втор. Сега бројката е помала, но не значи дека не е и поквалитетна.

ФОКУС: Која е театарската претстава која е ваш животен предизвик?

ЦВЕТКОВСКИ: Се вика „Добра театарска претстава во која ќе играм голема улога, во која ќе уживам и која ќе се отепа од гостување низ светот“.

ФОКУС: Најчесто сте стендап-партнер со вашиот личен пријател Сашко Коцев. Имате ли доволно инспирација за ваквите настапи?

gorazd8

ЦВЕТКОВСКИ: Досега сме направиле едвај 2 спаринзи на стенд-ап. Си ги чуваме тие како коњачиња. Инспирацијата е релативна работа, сега има, сега нема. Исто како времето, местата, публиката.

ФОКУС: Ако не бевте актер, ќе бевте ли електротехнички инженер?

ЦВЕТКОВСКИ: Сакам да верувам дека ќе бев програмер, ама онака, добар програмер. Дека ќе работев во компанија што има базен на седмиот, а вежбална на 12-от кат. И сето тоа немаше да морам да го добијам за печат во пасош. Уште го мислам тоа, и го посакувам.

gorazd9

ФОКУС: Каков е Гораст како сопруг и татко?

ЦВЕТКОВСКИ: Културен дечко. Строг и одлучен. Духовит и правичен. Искрен, а одмерен. Одговорен и реален, најверојатно.

ФОКУС: Посакувате ли понекогаш како татко, повторно да бидете дел од некој интересен детски телевизиски проект?

ЦВЕТКОВСКИ: Секое утро. Буквално, без преувеличување.

ФОКУС: Важите за љубител на добра храна во комбинација со добро друштво. Која е омилената храна што им ја приготвувате на своите гости?

ЦВЕТКОВСКИ: Имаме омилен сос. Хопла, кашкавал, чаден кашкавал, ореви, оригано и нормално вода. Се вари малку и се става на шпагети, тортелини, њоки. Суши правам ретко зашто од сукање ми е преку глава.

gorazd12

ФОКУС: Близнаците, според астрологијата, најуспешни се во професиите кои се претставуваат пред јавноста. Колку ова беше од помош кај вас?

ЦВЕТКОВСКИ: Не знам дали досега хороскопот ми помогнал во нешто. Ако има некој доказ за тоа, јас со задоволство би го потврдил.

ФОКУС: И за крај, парите се отепувачка или предизвик?

ЦВЕТКОВСКИ: Претставата е предизвик, секоја изведба. А пари како пари, убаво е да се има. Потоа до човекот е.

Скопје Сити Мол почнува ситно да одбројува до вториот роденден. Одбележувањето на роденденските моменти ќе почне на први октомври, а за финале, покрај богатата и оригинална програма, ќе следи журката на  еден од најпопуларните македонски музичари во светски рамки, Кирил Џајковски, придружуван од TK Wonder и бенд, како вистински роденденски подарок за сите пријатели на Скопје Сити Мол.

gorazd13

Поврзани новости