Горан Мазнов: Можевме многу повеќе на ЕП, но во иднина ќе покажеме кои сме!

by Fokus

Македонската фудбалска репрезентација пред четири дена го заврши својот настап на Европското првенство, а се чини дека се уште трае еуфоријата кај македонските навивачи. Во глобала, нашиот тим одигра добро на натпреварите, иако забележа три порази од Украина, Австрија и Холандија.

Некогашниот репрезентативец, Горан Мазнов во разговор за „Фокус“ говореше за настапот на нашиот национален тим на ова натпреварување. Според него, сме можеле и многу повеќе но, општите заклучоци се добри.

Како човек на кој што не му е важно само да учествува, сметам дека можевме и со игра и резултатски многу повеќе, но од друга страна како дебитанти, сметам дека одигравме коректно првенство. Веројатно тоа што сме првпат на вакво натпреварување си го направи своето. Дел од неискуство, дел од импресионираност на дел од играчите. Меѓутоа да не заборавиме дека против себе имавме силни и зрели репрезентации. На сето тоа мислам дека можевме повеќе и во иднина ќе го покажеме тоа“, го започна разговорот Мазнов.

Факт е дека ни недостасуваше и малку спортска среќа, анализира некогашниот член на македонскиот национален тим.

За разлика од Австрија, против Украина влеговме да не кажам, доста лабаво (прво полувреме). Од друга страна, имавме противник којшто беше силно физички подготвен. Тоа не донесе до негатива од два гола. Во вториот дел го сменивме односот, дадовме брзо гол, имавме две три шанси, ни фалеше малку среќа. Во последните 15 минути Украинците повторно ни играа со висок пресинг и го добија натпреварот“, анализира Мазнов.

Мартовската победа против Германија ни даде до знаење дека Македонија може да се надигрува со секого. Дали таа победа не „фрли“ во облаци?

Искрено, не би рекол дека е така. Ние сме балканска земја со балкански менталитет, но кај оваа структура на играчи што ја имаме сега, мислам тој балкански менталитет не преовладува. Ние имаме играчи што играат во доста квалитетни лиги и мислам дека победата над Германија ни даде повеќе самодоверба а не еуфорија. Напротив стоеја цврсто на земја. Еуфорија ја фати нацијата, што е нормално после таков успех, а играчите не“, посочи Мазнов.

Мазнов, кој е роден во Дојран, настапуваше за Македонија од 2001 до 2009 година и за тој период настапи на вкупно 45 натпревари и десетпати се запиша во листата на стрелците.

Фото – ФФМ, Архива, ЕУРО2020

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости