Горан Грујевски во својата докторска дисертација: ПИМ мерките се злоупотребуваат

by fokus

Поранешниот директор на Петтата управа на УБК и осомничен во истраги на Специјалното јавно обвинителство, Горан Грујевски, кој сега е помошник директор за координација во МВР, во својата докторска дисертација во 2014 година пишувал дека ПИМ мерките во Македонија се користат како алатка за повреда на човековите права.  Дојче Веле објави делови од неговата докторска дисертација со наслов „(Зло)употреба на посебните истражни мерки“.

-Иако во јавноста мерките се најавуваа како стриктно насочени кон најсериозните закани од организираниот криминал, тероризмот и сл., се отвора пат специјалните мерки широко да се користат. Како што сега стојат работите, терминолошката конфузија, големиот број недоречености, широкиот круг отстапки, нискиот праг за одобрување на зафаќањето во приватноста и малата веројатност за некаква ефикасна контрола, упатуваат на тоа дека во Република Македонија арбитрарното зафаќање во приватноста нема да се редуцира, туку напротив, ќе се легализира. Приватноста и слободата многу лесно ќе се маргинализираат кога ќе се пристапи кон одмерување од случај до случај, а во тоталитетот на случаи ќе добиеме сериозна закана од полициска држава, напишал Грујевски во својата доксторска дисертација.

Тој уште пишува и дека „кај нас искуствата од одлучувањето по барањато за претреси, притвор и сл., покажуваат исто така низок степен на критичност на судството. Колку и да сакаме да биде поинаку, мора да признаеме дека судството кај нас се уште нема сфатено дека заштитата на правата на граѓаните од државата е негова примарна задача, туку напротив, себеси се гледа повеќе како партнер на полицијата и обвинителството во спроведувањето на законот, отколку како нивен контролор. Судиите имаат развиено премногу пријателски пристап кон извршната власт и еден бирократски пристап во толкувањето на правото.“

Поврзани новости