Горан Алачки: Правиме многу голема работа и солзи радосници ми идат!

by Fokus

Ќе не слуша цела планета, не можам ни јас да верувам, солзи радосници ми идат и правиме многу голема работа, порача маестро на хармоника Горан Алачки, кој од вечерва испишува нова страница на македонската фестивалска фолк сцена, како творец на новосоздадениот фестивал на народна музика, Фолк фест Владимирово.

Како што информира Алачки, МРТ1 ќе врши директен пренос на фестивалот, сателитски биле линкувани со Македонското радио и програмата за сонародниците во странство.
-На 29-ти мај Владимирово ќе биде културна престолница на Балканот, тврди музичарот.

Првото издание на Фолк фест Владимирово ќе се одржи вечерва во возобновената фестивалска сала ,,Ванчо Чавдарски” и за која се очекува да стане централно место во Малешевијата, во кое ќе се одржуваат низа на културни настани.

На фестивалот кој е во организација на Културниот центар ,,Горан Алачки” ќе настапат Драган Мијалковски, Наум Петрески, Благоја Грујовски, Ленче Кукиќ, Жаклина Узунова, Круме Спасовски, Нино Величковски и други.

Се очекува овој проект да донесе бројни посетители во селото и на некој начин да го заживее културниот живот во Малешевијата. Алачки пак, пред четири години беше кандидат за градоначалник на Општина Берово, кандидиран од Интегра-Македонска конзервативна партија.

Тогаш за ,,Фокус” изјави дека Интегра го избрала и кандидирала како независен кандидат. Раскажа дека целта му е да го заживее Владимирово и Берово, да го направи Балкански културен центар и да го обедини раскараниот народ.
Сепак, на изборите победи Звонко Пекевски од СДСМ, кому ова е втор мандат.

Вики КЛИНЧАРОВА

Поврзани новости