Голем интерес за осмомартовските аранжмани: Мажу, дај ми пари да ја прославам својата рамноправност и независност!

by fokus

Осмомартовската еуфорија годинава зафати голем дел од понежниот пол уште пред неколку дена.

Наместо да се обележи меѓународниот ден на жената на самиот датум, туристички агенции низ земјава ги тријат рацете со повеќедневните аранжмани во земји од соседството, но и подалечни европски дестинации.

Од туристичките агенции потврдуваат дека годинава за патувања и разни аранжмани по повод Осми Март има многу повеќе од лани, а социјалните мрежи се полни со фотографии од расположени жени кои што позираат во метрополите.

Како мало потсетување, со меѓународниот ден на жената се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.

И покрај тоа што голем број на Македонки наголемо го слават празникот, поразителни се податоците за семејно насилство во земјава по последниот мониторинг на спроведување на законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Во изминативе десет години, над 20 жени биле убиени во семејно насилство. Голем е бројот на жртви кои што секојдневно трпат насилство, но не го пријавуваат, а националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство уште лани констатираше дека во изминатаве години државата не направила ништо за да ја подобри состојбата во однос на сервисите за заштита и поддршка на жртвите на семејно насилство.

Познато е дека во Македонија мажите и жените немаат еднакви можности на многу полиња, и кај нас се уште владее синдромот на „балкански маж“. Затоа деновиве на социјалните мрежи често се постираат шеги околу тоа што точно слават жените на овој празник, и колку од нив побарале пари од сопругот, за да ја слават својата независнот и рамноправност.

Но, и покрај тоа, голем број на групи на жени веќе празнуваат во повеќе етапи низ соседна Грција, во кои што се вклучени ноќевања во различни градови, како Лептокарија, Метеори и Солун. Некои ја започнале својата празнична тура низ повеќе градови во Србија уште пред почетокот на викендот, има голем број на жени кои што слават во Банско, Бугарија, каде што превоз и две ноќевања со појадок изнесуваат околу 4.000 денари, а оние со подлабок џеб се ,,фатиле’’ за авионските аранжмани во европските и светските метрополи.

Голем број на славенички на празникот годинава се одлучиле за Сицилија, а аранжманот кој што го нудат наши туристички агенции за овој остров во Средоземно море вклучува шестдневно патешествие. Покрај пловидбата на брод, тие кои што ќе заминат во Сицилија, предвидено е да посетат голем број на историски знаменитости, цркви, археолошки знаменитости… Цената на овој аранжан изнесува околу 20.000 денари, и од агенциите потврдуваат дека имало голем интерес, а патувањето започнувало на Осми Март.

Исто така, имало доста заинтересирани и за аранжманот на релација Стразбур – Колмар – Алзас – Шварцвалд, а авионското патување и четирите ноќевања со појадок чинат околу 23.000 денари.

Три ноќевања во Малта, со вклучен авионски превоз се нудат по цена од околу 25.000 денари, плус аеродромски такси во износ од 3.300 денари по лице.

Аранжманот за три дена во Барселона, од петти до осми март изнесува 23.000 денари, додека од осми до дванаесетти март е 25.000 денари.

За оние кои што нема да можат да отпатуваат на Осми Март, се нуди патување во Ница на четиринаесетти март, а цената за четири ноќевања изнесува 28.000 денари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости