Голдстајн во Кавадарци: Му благодариме на Јанчев за средбата, оти од Скопје гледаме само дел од реалноста во државата

by fokus

Џеф Голдстајн, в.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје денес во Кавадарци се сретна со градоначалникот Митко Јанчев.

Како што е традиција во Тиквешијата, амбасадорот бил пречекан во кабинетот на градоначалникот со бело и црно грозје, а двајцата потврдија дека се задоволни од средбата, која ја оценија како доста продуктивна.

За време на средбата тие разговарале за повеќе локални теми, но и за политички теми, кои според Јанчев во иднина треба да се спроведат за доброто на Македонија.
Голдстајн пак, потврди дека многу се радува при посетата на други градови, бидејќи според него, само од Скопје не може да се добие целосна реална слика за целата земја.

-Многу сме благодарни што градоначалникот се сретна со нас, знам дека тој е многу зафатен. За мене е многу важно да ја видам ситуацијата во различни градови во државата, бидејќи во Скопје човек гледа само дел од таа реалност во целата држава. Слушнав многу интересни нешта од градоначалникот и сме благодарни што ја имавме оваа можност – изјави Џеф Голдстајн.

На прашањето како ја оценува состојбата во државата пред референдумот, Голдстајн изјави дека негови колеги од Варшава задолжени за набљудување на референдумот пристигнале вчера во Скопје.

-Тие имаат прес конференција денес, и ќе зборуваат за нивните ставови – вели в.д. шефот на ОБСЕ.

Џеф Голдстајн од САД се приклучи на Мисијата на ОБСЕ во Скопје во септември 2016 година. Тој работел 25 години во Стејт департментот на САД, и тоа во Варшава, Сеул, Москва, Талин и Вашингтон. По напуштањето на Стејт департментот, пред да стане заменик-шеф на Мисијата во Скопје, Џеф работел за две невладини организации, Фридом хаус и Фондацијата Отворено општество. Во Скопје го придружува неговата сопруга, Бонхи Ку.

Вики Клинчарова

Поврзани новости