Ѓоко Ѓорчев и пријателите за помош на поплавените: ПОМАГАМ НА МОЈ НАЧИН

by fokus

Поп пејачот Ѓоко Ѓорчев, познат како македонски Том Џонс, ќе организира голем концерт во неговото родно Неготино, а собраните средства ќе ги донира на семејствата кои што беа погодени од поплавата во Скопје. Настанот ќе се одржи на крајот на септември во спортската сала ,,Младост,, а Ѓорчев највува многу гости и повеќечасовна забава за присутните.

,,Концертот е насловен ,,Ѓоко Ѓорчев и пријателите за Скопје,, а своето присуство веќе го потврдија моите колеги Мики Јовановски – Џафер, Џина Папас Џокси, Александар Белов, Александра Јанева, Мартинијан Кириловски, а деновиве очекуваме потврда и од уште многу други познати поп пејачи од земјава кои што сакаат да дадат придонес кон овој хуманитарен настан. Ќе има многу музички изненадувања, прав спектакл, но не би ги откривал сите детали предвреме. Тие што ќе дојат ќе бидат задоволни од понудената содржина, а тие кои што нема да дојдат, ќе пропуштат многу. Влезниците се по цена од симболични 100 денари, и се надевам дека ќе има голема посетеност, а наскоро ќе го прецизираме и точниот датум на одржување. Многу ме погодија настаните во Скопје, затоа сакам да помогнам на мој начин, со песна,, – вели Ѓорчев, кој што веќе неколку години работи како организатор на културни и музички манифестации и стручен соработник за издавачка дејност во Дом на култура ,,Ацо Ѓорчев,, Неготино. Тој додава дека настанот е под покровителство на советот на Општина Неготино и градоначалникот Ванчо Апостолов. Покрај организирањето на хуманитарниот концерт, тој деновиве бил окупиран и со подготовки за снимање на спот за песната ,,Љубов ветена,, со која што настапи на годинашниот фестивал ,,Охридски трубадури,, а се подготвувал да одржи и голем солистички концерт кон крајот на годината во МОБ Скопје.

Инаку, Ѓоко е оженет со пратеничката од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Благородна Бојаџиева, со која што ја имаат ќерката Александра. Неодамна ни изјави дека сфаќа колку е стресна нејзината работа, па затоа секогаш по долгите собраниски седници ја пречекувал дома со песна. Во име на нивната љубов ја снимил песната ,,Ноки љубов моја,, бидејќи сопругата нагалено ја викал Ноки, а таа веднаш штом ќе го слушнела да пее, заборавала на уморот.

Тој пред две години го издаде својот шести албум ,,Мојот пат,, и е присутен на сцената повеќе од 20 години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости