Ѓоко Ѓорчев го откажа настапот на ,,Охрид Фест” Младите нека се борат за награди!

by Fokus

Поп пејачот Ѓоко Ѓорчев нема да настапи на реномираниот фестивал ,,Охридски трубадури” кој вчера започна во Охрид.

Иако веќе ја сними песната со која беше предвидено да се претстави пред публиката, неколку дена пред започнувањето на фестивалот, тој решил да им даде шанса на младите изведувачи да се борат за освојување на награда и афирмација во музичките води.

-Песната која требаше да ја изведам на фестивалот во Охрид е готова, а деновиве ќе биде промовирана на музичкиот канал Јутјуб. Станува збор за нумера во медитерански стил, чии автори се Сашо Ѓорѓиев од групата ,,Нели ти реков”- музика, Огнен Неделковски – текст и Филип Стевановски – аранжман. Придружните вокали ги отпеа Ирена Стевановска.

„Се решив да го откажам учеството на фестивалот, каде сум редовен учесник со години наназад, првенствено поради младите пејачи. Сакам да им ја дадам шансата да се борат за награда и афирмација во нашите музички води, а на фестивалот му посакувам да постои уште многу години. Мојата кариера продолжува со концертни настапи, со создавање на нови авторски и евергрин песни. Исто така, се подготвувам за голем солистички концерт во МОБ – информира пејачот.

25-тиот јубилеен меѓународен фестивал ’’Охрид фест-Охридски трубадури“ започна вчера и ќе трае до сабота. Сцената се наоѓа покрај брегот на Охридското Езеро, пред хотелот ,,Нова Ривиера”. Синоќа се одржа фолк вечерта, денес следува поп вечерта, а пак утре е Интернационалната вечер.

Вики Клинчарова

Поврзани новости