Ѓоко Ѓорчев: Двајца браќа од Неготино ми ја вратија вербата во човечноста, на мој начин им се оддолжувам!

by fokus

Не е лесно кога во мала земја како Македонија се занимаваш со музика, која за мене не е само професија, туку секогаш била и најголема пасија и сила да чекорам низ животот. Тешко се гради успешна кариера, освен талент, и секако многу труд, потребна е и поддршка, како финансиска, така и мотивирачка, да се има некој кој верува во тебе и кој ќе застане зад тебе и во добри и во лоши времиња. Таа моја неверојатна поддршка ја најдов во двајца браќа од Неготино – за ,,Фокус” раскажува популарниот поп пејач Ѓоко Ѓорчев, кој деновиве е актуелен со дуетот со Кате Брезова, обработка на евергринот „Help me make it through the night“, од репертоарот на познатиот американски пејач Крис Кристоферсон, што тој го отпеа со Рита Кулиџ и Нора Џонс.

Вели дека песната ја посветил на браќата Киро и Ѓоко Богевски, во чија сопственост е винаријата ,,Бовин”, а кои му помогнале во многу тешки времиња и секогаш верувале во него како музичар, но и како човек.

-Секој мој музички проект во изминативе десеттина години е поддржан од овие неверојатни луѓе! Тие во мене го препознаа она кое на многумина им беше пред очи, но одбиваа да го видат.

– Ти си светски калибар, често знаат да ми кажат, и за секоја моја музичка идеја или пак проект, без двоумење биле тука за мене. Концерти, албуми, снимања, Богевски се вљубеници во добрата музика и квалитетното вино, знаат каде треба да подадат рака. Затоа, како моја благодарност за нивната верба во мене и во мојата кариера, дуетот со Кате им го посветив од се срце.
Ретки се пејачите кај нас кои ја имаат среќата некој така безрезервно да застане покрај нив и да им биде рамо на кое можат да се потпрат во секое време, ова е нешто кое ја враќа вербата во човечноста, во препознавањето на вистинските вредности – раскажува Ѓорчев, кој со децении е присутен на нашата поп сцена.

Вели дека браќата Богевски, кои исто како и тој се по потекло од Неготино, ќе го поддржеле, без оглед на тоа од каде доаѓал, а тоа што се сограѓани, само уште повеќе ги зближило.

-Не затоа што си наш, од Неготино, туку затоа што твојот глас е вистинско богатство, затоа сме тука за тебе на секој чекор во твојата кариера, знаат да ми кажат. Кога го слушам тоа, искрено, солзи ми доаѓаат во очи, можат добро да ме разберат оние, сличните на мене, кога ќе сфатат дека постои некој кој навистина им го вреднува и цени трудот. Затоа, јас ете вака знам да се оддложам, со посвета на песна, оти мене тоа ми е во душата, ова е моето искрено благодарам за нив – вели тој.

Појаснува дека со Кате одлично се вклопиле во песната и нивната соработка нема да заврши само на овој проект. Тоа што песната се снимала во ек на пандемија кога настапите во живо на музичарите се забранети, не ги поколебало и двајцата. Вели дека верува во доаѓањето на подобри времиња, а со песна сакал да им ги оттргне лошите мисли на луѓето.

-Предолго трае оваа состојба во целиот свет, народот е при крај со трпението, насекаде негативности и сиво расположение. За да донесам малку боја во ова секојдневие се решив песната посветена на браќата Богевски да ја снимам токму во овој период.
Аранжер и продуцент е Љупчо Павловски, а гитарите ги отсвири Димитар Кочев. Снимавме во студиото ,,Анастазија” во Скопје, верувам направивме песна која ќе се слуша долго, бидејќи деновиве добивам само позитивни критики за сработеното. Направивме музика за душа, која ќе се најде на мојот осми студиски албум кој е во подготовка – ни изјави музичарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости