Ѓоко Ѓорчев до Министерството за култура: Децата ги оставив да се мачат, за да ја претставувам Македонија, што повеќе треба да сторам?

by fokus

Поп пејачот Ѓоко Ѓорчев со отворено писмо реагира до Министерството за култура, бидејќи било одбиено неговото барање за субвенционирање на музички проект, кој тој го подготвувал по повод својот јубилеј, 25 години на сцената.

Како што ни изјави Ѓорчев, тој побарал субвенции во висина од околу осум илјади евра за вкупно пет концерти, и тоа во Охрид, Битола, Штип, Куманово, и на крај, сакал да го заокружи проектот со голем концерт во МОБ во Скопје. Одговорот што го добил од министерството бил дека не му се одобрени средствата, бидејќи не ги задоволувал критерумите на министерството.

Револтиран од настанот, тој во разговор за ,,Фокус’’ вели дека сака јавно да ги праша надлежните што треба да направи повеќе, за да го добие нивното внимание, и како конечно во земјава да почнат да се ценат вистинските вредности и квалитет, кога и од највискоите институции се наидува на игнорирање.

-На оние кои што добро ме знаат, познато им е дека јас целиот свој живот го посветив на музиката и бев наш амбасадор низ светот со моите песни. Зад себе имам многу концерти, но и настапи во многу земји, на реномирани фестивали. Секаде со гордост пеев во името на Македонија. Моите песни се нешто кое што трае, и денес се слушаат дури и оние кои што беа снимени пред повеќе од две децении. Имав хуманитарни концерти, бев два пати прогласен за пејач на годината, насекаде ја промовирав нашата земја со песна. И досега никогаш, ама баш никогаш не сум побарал државна помош. Никогаш порано не сум барал субвенции, ниту пак сум очекувал некаква помош од буџетот. За секоја моја песна, спот, концерт, промоција, сум бил финансиран од моите сега веќе покојни родители и брат. Тие потрошија цело богатство за мојата кариера, цел живот вложуваа во мене, бидејќи веруваа дека го имам таленотот кој што не смее да се запостави и да пропадне – огорчено раскажува Ѓорчев.

Тој додава дека парите кои што ги побарал од министерството не се доволни за покривање на сите трошоци, туку само делумно ќе му помогнеле, а за остатокот планирал да се снаоѓа како и секогаш, сам. Вели дека вложувајќи во својата кариера, најмногу изгубил лично тој и неговото семејство, но сепак не се откажувал.

-Моите два сина, кои веќе имаат свои семејства, немаат работа. Се мачат во животот, ќерката е студент, мора да мислам и на неа. Наместо да инвестирам во нивната иднина, јас вложував во песната, се дадов себеси за нашата музика верувајќи дека ова го правам за Македонија. Од никој никогаш не сум барал, ниту пак сум добил на подарок било што, и покрај тоа што животот го посветив на музиката и промоцијата на Македонија преку песна. Не ме интересираат политички партии, сеедно ми е дали е ВМРО или СДСМ, јас пејам за Македонија. И сметам дека е време да започнат да се ценат вистинските вредности, без мешање на политика, бидејќи јас сум тука за народот, кој што останува, а не за партииите, која и да е на власт. Оставив квалитет зад себе, а добив невреднување на моето дело и труд. Никогаш не сум бил вака разочаран – вели музичарот кој зад себе има седум албуми.

Околу настанот со министерството, тврди дека е убеден како министерот Роберт Алаѓозовски воопшто го нема ни видено неговиот проект и барање, и убеден е дека тој завршил кај некои негови асистенти кои не знаат да ги ценат вистинските вредности во музиката.

-Имам убаво мислење за Алаѓозовски. Убеден сум дека до него дури и не стигнал мојот проект. Верувам како некои референти, асистенти или некои други од кабинетот кои што немаат доволни познавања од нашата музика, го имаат само погледнато и одбиено моето барање, без при тоа да го разгледаат како што треба. Друго објаснување навистина немам. Не знам кој и според кои критериуми одлучува кој е вреден за да биде поддржан, но во мојот случај е направена голема грешка и неправда – раскажува Ѓорчев.

Сепак, и покрај одбивањето од страна на министерството, вели дека не се откажува од замислата да направи барем еден голем концерт по повод јубилејот.

-Ако треба ќе просам, ќе молам, ќе дадам се од себе, но јас во октомври ќе го направам тој голем концерт во МОБ. И ќе покажам дека народот ги препознава вистинските вредности, ќе покажам што е тоа квалитет. Додека сум жив, не се откажувам од песната, без оглед на тоа што сум оставен сам да се борам, без ничија помош – ни изјави музичарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости