Годишно фрламе храна со која би се прехраниле 15.000 семејства

by fokus

Додека илјадници луѓе на трпезата немаат ниту леб, тони од храна се фрлаат на буништа. Поразителната статистика ги мобилизираше активистите. Неколку здруженија обединети под мотото “Нахрани 1000“ организираат донаторска акција за одбележување на 17-ти октомври, светскиот ден за борба против сиромаштијата.

Според официјалните податоци, скоро 450 илјади граѓани можат да си дозволат само еден оброк дневно. Во оваа бројка влегуваат и лица кои се вработени и земаат плата, меѓутоа таа не им е доволна ниту за прехрана на семејството.

Додека илјадници граѓани буквално гладуваат, Македонија се искачи на седмото место во светот според количините храна која завршува на депониите.

– Годишно фрламе храна колку, на пример, едно Кочани да јаде бесплатно 365 дена. Таа количина е доволна за да се хранат повеќе од 15 илјади семејства за цела година. Бројката на гладни пак, е далеку поголема од официјалната, бидејќи повеќе од половината луѓе ја кријат сиромаштијата и не се осудуваат да молат за леб, вели Душко Христов – „Банка за Храна на Македонија“.

Здруженијата и граѓанските иницијативи потенцираат дека тие можат активно да се вклучат во помагање на најранливите категории, меѓутоа велат дека потребни се системски решенија. Најавија дека ќе се залагаат за регулирање на ова прашање, односно да се донесе закон за донирање на вишокот на храна, со цел таа да стигне до оние на кои им е најпотребна.

Поврзани новости