Годишната плата на Митко Јанчев повторно ќе заврши кај студенти од Кавадарци: Со исти очи да ги гледаме сите!

by Fokus

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и неговата семејна фондација ,,Никола Јанчев” распиша конкурс за доделување на десет стипендии на талентирани студенти од Кавадарци, кои ќе добиваат стипендија во износ од 8.000 денари во рок од девет месеци.

Вкупниот фонд кој ќе им биде доделен на избраните студенти изнесува околу 12 илјади евра, средства обезбедени од градоначалничката плата на Јанчев во текот на годината.

-Кандидати кои ќе имаат предност на конкурсот се оние студенти кои кои потекнуваат од семејства со социјален статус и ниски примања и студенти без родители – информира градоначалникот. Тој ја основаше фондацијата ,,Никола Јанчев” на почетокот на минатата година, со цел да им се помага на граѓаните преку хумани активности. Фондацијата го носи името на неговиот татко, кој беше основач на нивната семејна компанија ,,Кожувчанка”, и кој почина пред 14 години.

-Пред да почине, татко ми ни остави аманет мене и на сите во семејството, секогаш да се трудиме да бидеме од корист на заедницата, да помагаме на послабиот и со исти очи да го гледаме секој човек. Ако беше жив, верувам дека ќе се гордееше со нас и со основањето на фондацијата – ни раскажа Јанчев во времето кога започна да функционира фондацијата.

Истата доделува стипендии два пати годишно, на верскиот празник Петровден на 12-ти јули и на верскиот празник Свети Никола на 19-ти декември. Кон крајот на септември, тој исто така ни изјави дека одлучил фондацијата да и додели стипендија на 17-годишната Марија Трајкова, која што остана без двајцата родители.

-Фондацијата ,,Никола Јанчев” реши да ја стипендира Марија во иднина со по 2.000 евра годишно, се додека таа студира. Јас знам дека Марија нема да не разочара. Таа е свесна и зрела девојка, која со крената глава ќе продолжи напред и еден ден нашиот град ќе се гордее со неа – порача Јанчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости