Година што едвај чека да заврши

by lali 11:48
11:48

 

 

Не е ова прва година која во Македонија едвај чека да заврши, имало повеќе такви, но оваа е посебно заинтересирана за својот крај

 

Во оваа година умре политиката, со неа и македонскиот политичар, а кутрата едвај чека да заврши поради срамот што ќе го јаде, ни крива ни должна, кога историчарите ќе ја земат под свое. Како сѐ да беше уротено против неа. Бомбите пукаа, народот гледаше сеир, бунтовниците периодично се бунтуваа, новинарите станаа портпароли, трибините – домашна дневна соба.

- Advertisements -

Не беше работата да се заклучи колку се сите политичари исти и дали тие што ќе дојдат нема да бидат подобри, туку да се менуваат додека не им дојде умот: дека државата не е нивна банка, а народните пари нивна приватна сметка.

Кој потфрли најмногу? Народот.

Снимените разговори, без разлика дали беа селектирани, ако сигурно не беа лепени и монтирани, требаше да ги разголат властодршците, нивната бескрупулозност, алчност, перфидност, садизам и егоизам. Нечовечки особини што не се толерираат ниту две кај еден човек, а камоли сите на куп, кај секој одделно.

Народот не сфати дека тоа не е само една од турските серии што им се даваат како дневна доза за да зборуваат дека „животот е таков“.

Се разбира дека човек што ги има сите горенаведени особини и конечно е разоткриен, ќе се засркне пред своето ништавило што му е плеснато в лице пред целата јавност и потоа ќе продолжи како ништо да не било. Зашто наредна негова особина  е бесрамноста. Тој мора да си ја истера мисијата до крај, дали е тоа разнебитување на еден народ, дали е перверзно поништување на сѐ што ја чинело историјата на една држава, тоа сѐ уште  се молчи.

Но, годината 2015 не заслужуваше да го доживее ова, особено по 2014 посрамотена и уништена од проектот за градење на Скопје крстен со нејзиното име.

Теророт што се врши поради постигнување некоја цел е моментален и со конкретни жртви и последици, теророт што се врши со години врз една држава и народ, е со трајни последици по нејзината иднина и кредибилитет како држава.

Последните месеци од 2015 оваа држава ја водат странците. Ванхојте ќе биде некој Холбрук, можеби дури тој Пржински неиспочитуван договор ќе ја има тежината на некојси Дејтонски, иако не се работи за помирување на држави и за запирање на геноцид.

Што му се случи на македонскиот народ, па стана рамнодушен за својата судбина до таа мера да дозволи да биде доведен на просјачки стап, а убедуван дека живее во благосостојба. Да не може ниту леб да си купи, а да биде убеден дека е на риба и кавијар. Да наседне на пропагандата која оние пред 20 години ги обвинува за ова што денес му се случува. Да не сфати дека власта се менува сѐ додека не сфати дека таа е во служба на народот, а не тој нејзин поданик. Да сфати дека не се работи за СДСМ или за ДПМНЕ, дека власта е нешто многу над партиите, дека политичкото убедување е едно, а животот друго, дека политичката определба е нешто апстрактно, а начинот на владеење нешто сосема конкретно.

Упропастивме уште една година, во која конечно можевме да си погледнеме во торбата, да си ѕирнеме во животот и да престанеме да крадеме. Краде кој што може: бензин, компјутер, ситна пара, крупна пара, се плаќаат рекети, потплатувања, проценти, се вртат фиктивни пари, се купува и се продава магла.

2015 едвај чека да заврши. Па, потоа 2016 нека му ја мисли.

Оваа не може веќе срамот да ни го јаде.

 

Поврзани новости