Го сакам ГТЦ: Барокот сепак нема поддршка

by Фокус

Излезноста на околу 40 отсто од гласачите на Центар, пак, говори доволно за фактот дека барокот нема поддршка и дека гласот на овие граѓани мора да се почитува, изјавија активистите на иницијатавата „Го сакам ГТЦ“ по затворањето на избирачките места во Центар. Никола Наумовски, од „Плоштад Слобода“ рече дека ГТЦ на референдумот собра повеќе гласови од било која политичка партија до сега.

„За прв пат откако започна проектот „Скопје 2014“ докажавме дека барокот нема поддршка. За нас е огромен успех тоа што за прв пат во историјата на општина Центар успеавме да собереме повеќе гласови од било кој канидадат или партија на локалните, парламентарните или претседателски избори. Од оние луѓе кои до сега беа неопределени успеавме да направиме активисти за ова општествено прашање, кое не е само архитектонско или урбанистичко. Успеавме да собереме луѓе да се обединат и да кажат став за ова прашање“ – рече Наумовски.

Според него нелогично е тоа што е потребен помал цензус за да се избере претседател на државата, а што гласот на 40 отсто од граѓаните не е доволен за локален референдум да биде успешен.

„Ја имавме предвид нелогичноста на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување. Овие бројки ќе беа сосема валидни за цензус за да се избере претседател, но нелогично постои цензус од 50 отсто за да се донесе одлука на локално ниво. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ успеа да го изигра тој законски цензус, кој е нелогично поставен, тоа не значи дека волјата на граѓаните не е јасна. Можам да им порачам на ВМРО-ДПМНЕ и на граѓаните дека ние не смееме да застанеме тука, дека волјата на граѓаните е ГТЦ да остане автентичен каков што е и борбата после овој референдум мора да се почитува, нашата борба мора да продолжи“ – изјави Наумовски.

Поврзани новости