Го паметите ли Жиле, кучето кое беше застрелано во р’бетот? Еве како живее сега…

by Фокус 08:43
08:43

Ако минатата година ова време кучето Жиле живееше затворено во една просторија во Скопје, чекајќи спас, сега ова куче ужива во прекрасната природа на Пенсилванија и во домот на семејството Хамон.

Речиси и да нема човек што не ја знае приказната за Жиле, планинското куче од Попова Шапка кое беше застрелано во р’бетот лани во февруари за време на шарпланинскиот куп. И покрај сите напори на голем број хумани луѓе, Жиле остана парализиран на задните нозе. Но луѓето што го сакаа не кренаа раце од него. Беше спроведена огромна кампања, додека Џон Хамон од Пенсилванија не дојде во Македонија за да си го земе новиот миленик.

- Advertising -

На фотографиите можете да погледнете како живее Жиле сега, осум месеци по неговото вдомување. Тој не го напушта погледот од малата Морган.

„Не си легнува да спие додека не се осигура дека Морган е заспана и безбедна. Секогаш си легнува последен. Мене ми се случува да останам подоцна, па кога ќе се доближам до креветот, тој почнува да лае во сон. Дури и во сон ја брани нашата ќерка“, раскажува Ким Хамон, сопругата на Џон.

Ним не им смета тоа што Жиле е парализиран на задните нозе. Велат дека грижата за него е секојдневна обврска, која не им е мачна, туку напротив, им претставува задоволство.

„Никогаш не го оставаме сам, дури кај него гледаме страв да не биде оставен… Обожава да се вози во автомобил, па дури и кога одиме до најблиската продавница, тој е веќе качен во колата и чека да тргнеме. Со него ја носиме Морган во училиште, со него одиме во продавница, на гости“, раскажува Ким.

Минатиот месец Жиле и семејството Хамон беа на одмор во Дизниленд. Тие не размислуваа два пати дали да го земат Жиле со нив. Прво беше резервирана соба за него, па дури потоа за нив. Собата за Жиле имаше огромна тераса, кревет, па дури и телевизор!

„Целата екипа задолжена да се грижи за кучињата во Дизниленд беше фасцинирана од тоа колкава волја за живот има Жиле. Едноставно го обожаваа“, раскажува Џон.

Кучето-херој од Попова Шапка сега го живее американскиот сон. Едноставно, некои суштества како да се родени под среќна ѕвезда. Неговиот хендикеп не му е пречка тој да живее живот каков што заслужува. Семејството Хамон сега размислува да посвои уште едно куче, за Жиле да има пријател. Да се надеваме дека и тоа ќе биде од Македонија.

Жиле на прошетка
Жиле откако ја украл вечерата на Ким од масата
Одмор
Со екипата од хотелот за кучиња во Дизниленд
Жиле на пат за Дизниленд
Прегратка со малата Морган
Го чува семејството додека се гради новиот базен

Ова е документарниот филм во кој се прикажани сите напори, борба и љубов за да се спаси Жиле и да му се најде дом каков што заслужува.

Поврзани новости