Глигоров: Загадувањето е посериозен смртоносен проблем од пушењето!

by fokus

Како аргумент се кажува дека на социјалните мрежи имало 3500 пријавени или не знам колку, кои се изјаснуваат против. И тоа за кусо време. ОК, да кажеме дека е така.

Многу поважно би било да се направи анкета од истите тие противници за решавање на проблемот со пушењето во кафулињата – колку од нив редовно одат во кафулиња, а колку еднаш годишно, а некои и поретко. Колку што мене ми е познато, а направив и еден првичен скрининг – повеќето од тие што идат редовно во кафулиња најчесто се страсни пушачи. Тие што се бунат или не одат во кафулиња или многу ретко (ако некој ги покани на роденден во кафуле).

Друга појава. Не би се изненадил ако истите тие противници на регулирањето на пушењето да ја величаат Југославија како добро се живеело и се’ било супер – а забораваат да спомнат дека Тито од уста не ја извади пурата и сите можни јавни и други простори беа отворени за пушење. Дали смртноста беше поголема тогаш или сега? Не знам. Нека појасни некој. Ми се чини дека загадувањето е далеку посериозен смртоносен проблем.

Трета појава. Дали луѓето не одат по слави, крштевки и домашни журки ако некој пуши? Дали така театрално и нихилистички постапуваат и не одат, или се прилагодуваат на реалноста?

Министерството за здравство не’ потсетува дека пушењето е штетно. Им благодариме но тоа го знаеме. Исто како што знаеме дека во болниците се пуши и не се казнува. Затоа се чини дека ќе треба повикот (и казните) директно да го упати до сите оние здравствени работници кои го кршат законот и пушат во јавни простории, а посебно во болниците. Здравјето на граѓаните директно зависи од таквото однесување. Инаку, сето ова од Министерството изгледа како тешка демагогија.

Уште еднаш да се разјасниме. Регулирање на пушењето не значи да има победници и губитници – работата е сите да бидат задоволни. И уште нешто да разјасниме: тутунот е вековна традиција и во Македонија и тоа не е случајно. Со палењето тутун (посебно во умерени количини) луѓето се опуштаат и го намалуваат стресот. Плус, социјална (во контекст на комунцирање) категорија е. Мислам дека во догледно време нема да се намали конзумацијата на тутун. Како што не се намалува ни алкохолот иако е штетен.

Like it or not, TOBACCO is here to stay! Затоа е потребно да се регулира материјата за сите да бидат среќни. И еднаш да направиме прекин на она нашето традиционалното: Да му умре козата на комшијата. – Секој нека си гледа својата работа и потреби без да бара на другиот да му се наштети или да се осети понижен.

Имајте убав остаток на викендот.

Венко Глигоров

Поврзани новости