Глигор Чемерски: Да го сочуваме духот во уметноста!

by Фокус 12:17
12:17

По тој повод, му престои изложба во најзначајното културно и уметничко средиште на Москва – уметничката галерија „Зураб Церетели“, каде што ќе бидат изложени 43 дела од повеќе циклуси, како своевидно ретроспективно претставување на повеќедецениското творештво на Глигор Чемерски.

Токму поради овој убав настан, ние го поканивме на интимна прошетка во Скопје Сити Мол.

Чемерски е како подвижна енциклопедија. Благодарение на својот талент, преку своите изложби прошетал низ многу места во светот. Емотивно ги сподели со нас неговите животни приказни за доживувањата во величествената Александрија, Египет и Каиро, традицијата, културата, но и моќта на Русија, градот на светлината, град кој секогаш знаел како да ја сподели големината на уметноста со публиката – Париз…

- Advertising -

Во ресторанот „Венето“ во Скопје Сити Мол, приказните се надоврзуваа една врз друга.ФОКУС: Во вашето обраќање по повод приемот во МАНУ во јуни 2012 година, спомнавте еден настан од вашата биографија, кој го променил животниот тек во вашиот живот. Тој бил вашата пресвртница, поради која сте се нафатиле со сликарството. Сте размислувале ли некогаш што друго би било ваш професионален предизвик, доколку не бевте уметник?

ЧЕМЕРСКИ: Бев навистина мал кога од модел му станав чирак на мојот вујко – Петар Мазев. Тие моменти, анегдоти, понекогаш се пресудни и го решаваат понатамошниот животен развој. Наспроти моите родители, браќа и сестри, во себе откривав други дарби: за рецитирање, глума, пишување, пливање, гимнастика…

Се занимавав со сѐ и сешто. Така го дочекав Мазев да се врати од Белград и да се досели кај нас во Скопје. Од Академијата со себе понесе неисцрпен куп книги со репродукции. На мои 15 години ја знаев историјата на уметноста наизуст, работев во сите цртачки и сликарски техники.

Еднаш засекогаш ќе разбереш дека уметностите се допираат, дека тоа се твои простори и дека можеш да се движиш лево и десно. Но, дека потоа нема назад, тоа ќе ти го одреди само сликарството.

ФОКУС: Пред извесно време, јавноста во земјава се запозна со дел од проектот „Во јадрото на Балканот – раката гледа“, кој на покана на Руската академија на уметностите – Императорска, во декември ќе биде поставен во престижната галерија „Зураб Церетели“ во Москва. Која е пораката која во декември ќе ја претставите во Москва?ЧЕМЕРСКИ: Во Руската академија на уметностите, како и во МАНУ  бев примен благодарение на моето сликарство. На 5 март 2013 година, од Москва добив известување, во кое президиумот на светски познатата институција од академски ранг ме избрале за почесен член.

Човек не може да биде рамнодушен кога ќе открие дека неговите дела ќе стојат на исто рамниште со други историски сликарски дела од светот.

Пораката беше телеграфска: Избери дел од она што ти се чини како најдобро создадено низ повеќе од петдецениската работа. Москва е огромна и моќна, а ехото од нејзините ѕвона надалеку се слуша.

ФОКУС: Изложбата  во Москва Ве става во редицата на најголемите имиња на европската уметност и сликарство. Колку ова за Вас е посебен предизвик?

ЧЕМЕРСКИ: Тоа е најудобниот простор. Простор на светското сликарство и слава. Сликарството е универзално писмо, порано или подоцна сигурно го наоѓа и својот поштар и својот писател. Сигурно е дека како животот, сликарството не е гол подарок.

Јас поминав низ многу страни низ светот, восхитувачко моќни, за секој сликар мошне инспиративни. Ги прифаќав ризиците и надежите на тие пасионирани луѓе. Каде и да стигнеш, има некој кој му припаѓа на истото семејство.

Навистина таквите семејства се создадени и постојат. Ете зошто тука не се работи толку за предизвик, колку што се работи за голем настан. Да се придружиш на огромното и древно московско семејство.

Академик Глигор Чемерски е првиот македонски уметник на кого му е укажана огромна чест од страна на Руската академија на уметностите – императорска, со инаугурација за почесен член на Руската академија.

Овој чин е своевидно признавање на културните вредности на Македонија, препознаени од страна на Руската академија на уметностите. Токму на нивна покана, во најзначајното културно и уметничко средиште на Москва – уметничката галерија „Зураб Церетели“, во чест на инаугурацијата,  ќе се одржи изложба на дела на овој наш голем автор.

Академик Чемерски видно возбуден ни раскажуваше за честа што му ја укажале. Со задоволство зборуваше за односот кон културното богатство и културната традиција што ја негува Русија. Културното место каде што ќе биде поставена неговата изложба поставува само 9 изложби во текот на година.

На изложбата во уметничката галерија „Зураб Цетерели“ во Москва ќе бидат изложени 43 дела од повеќе циклуси како своевидно ретроспективно претставување на повеќедецениското творештво на Чемерски.

ФОКУС: Вие сте првиот македонски уметник на кого му беше искажана ваква чест. Каков е вашиот впечаток, за прифаќањето на ова кај јавноста?

ЧЕМЕРСКИ: Просто да се чудиш и да лелекаш. Константин Миладинов во Петербург ја напишал својата „Т’га за југ“. Брат му Димитар, како и другите наши просветители од 19 век, беа свртени кон руските. Мисирков подоцна студираше во Москва и веројатно таму почна да ја подготвува својата капитална книга „За македонцките работи“.

Никој од нив не стаса во тоа време, до тој неопходен интернационален статус. Можеби токму поради тоа имав посебна обврска. Во блескавиот салон, во една од најстарите и најубави палати во центарот на Москва, ги примив регалите од рацете на академик Олег Кошкин. Потоа, не можев да не му возвратам на благородните величија поинаку, освен со една меланхолична воздишка. Големите македонски дејци од двата минати века.

Преку мојот избор постхумно влегуваат низ оваа возвишена порта. Поради скромната поддршка од тука и семејниот настан пред преполната сала во Академијата таму, одѕивот во земјава беше тивок и можеби не стаса до пошироката јавност. Но, изложбата во галеријата „Грал“ во Скопје со сликите кои наскоро ќе отпатуваат во Москва, комплетно ги сменија работите. Интересот сега е навистина огромен.

Позади изложбата овојпат, покрај МАНУ, застанаа и Министерството за култура и Министерството за надворешни работи.

ФОКУС: Уметниците, писателите, воопшто интелектуалците се коректори на општествените појави. Се согласувате ли со фактот дека нивните мислења се клучни за насоките по кои треба да движиме?

ЧЕМЕРСКИ: Потрошени се тони мастило и планини хартија за да се создаде нешто видливо од соништата. Тоа би можело да биде најдоброто што може да ни се случи. Но, не ни се случува. Насилството и деструкцијата пред нашите очи уништуваат креации на цели генерации. Навистина, исклучително е важно да се сочува во уметноста и во духот она што е исцелително и што обновува.

ФОКУС: Што говорат вашите дела во таа насока?

ЧЕМЕРСКИ: Ми се чини дека тие повторуваат еден стар восклик, роден меѓу восхитот и болката. На извесен начин како моќните секавици во драмите на Шекспир.

ФОКУС: Се вреднува ли соодветно уметноста во земјава?

ЧЕМЕРСКИ: За некој соодветно е ден, за друг, пак, ноќ. Големото соодветно се вика криза. Класичниот излез од сатиричниот релативизам е внимание, вредносен систем, ноншаланција…Творештвото на Чемерски е застапено во колекциите на Ватиканскиот музеј, Светска банка, Музејот на современа уметност, Националната галерија, Собранието на Република Македонија, Кабинетот на претседателот, Музејот на современа уметност во Белград, Современа галерија Будва, Меѓународната колекција Свети Кирил и Методиј во Софија, Музејот на уметностите во Фејтвил, Северна Каролина, САД и други.

ФОКУС: Потекнувате од Кавадарци. Што ве врзува за вашето родно место? Дали можеби месец октомври понекогаш ви враќа некои емоции од она што вообичаено се случува во Кавадарци во овој период од годината?

ЧЕМЕРСКИ: Сѐ што е пејзаж во моето сликарство, а често и фигурација низ која се надѕира пејзажот е Кавадарци, Тиквешијата. Овој жешко обоен предел од Македонија во кој инсектите создаваат чудна хроматика, веројатно тече низ моите крвни зрнца.

Во септември и во октомври секоја година, лозјето, грозјето и црвенкастата лозова шума се сели на моите платна. Пред неколку години, циклусот „Трите лица на септември“ му ги посветив на големиот поет и пријател Петре М. Андреевски.

ФОКУС: Професор Кирил Темков на промоцијата за вашата монографија ве нарече сликар на љубовта. Колку љубовта понекогаш е вашата потпора ?

ЧЕМЕРСКИ: Сѐ што ќе одвои како мисла или збор, мојот близок пријател Кирил Темков станува збор кој тежи, полн со нова светлина. Така е и со светот и љубовта во светот. Не знаеме како и зошто, но еден пролетен ден ги буди и тревките и големите стебла и бубачките и птиците и дрвјата и крупните животни. Сите наеднаш сме предизвикани пред еден прекрасен празник на природата. Тоа сигурно не е црниот принц на злобата, ни заканата. Тоа сигурно е дел од љубовта. На тој вид љубов таинствено му припаѓа сликарството.Чемерски своите постдипломски студии ги завршува во 1965 година на Белградската академија на уметностите, а како стипендист на француската влада престојува во Париз, во 1969 и во 1970 година. Оттогаш често престојува, работи и изложува во Париз. Од 1983 до 2003 година е еден од постојаните сликари на „Галерие ду Фелуве“ во Париз.

Првата самостојна изложба ја одржал во Скопје во 1962 година, а потоа следуваат над триесетина самостојни изложби, како во Македонија, така и во светот. Во 2013 година е примен за почесен член на Руската художествена академија-Имперјална.

ФОКУС: Вашето образование го градевте во Скопје, Белград и во Париз. Што чувате како спомени од тие денови?

ЧЕМЕРСКИ: Тоа се пресудните години за уметникот, како што чинам се клучни и за другите професии. Стигнуваш да го вклучиш своето потекло во големото светско културно јадро и да ја стасаш реалноста. Парискиот аџилак беше во текот на целиот 20 век еден вид неизбежна обврска за секој современ сликар, без разлика од каде потекнува.

ФОКУС: Како стипендист на француската влада престојувате во Париз во 1969 и во 1970 година. Таму работевте, изложувавте. Од 1983 до 2003 година бевте еден од постојаните сликари на „Галерие ду Фелуве“ во Париз. Речиси сите што го посетиле Париз,  го претставуваат како град на уметноста. Се согласувате ли вие со тоа? Како вие го доживеавте Париз?

ЧЕМЕРСКИ: Направив еден речиси прониклив систем, иако тоа дојде спонтано. Шетав меѓу Скопје и Париз, работев и изложував штафелајно сликарство, галериски формати. На овој начин се вклучив во актуелната ликовна динамика. Домот, пак, секогаш бил тука. Тука подготвував големи формати во фрески или во мозаик. По неколку децении, моите пријатели, на убав начин, во Скопје, Белград или во Париз покажуваа мала професионална завист: малку по малку ти создаде огромни и монументални дела.Академик Чемерски е татко на три деца, два сина и ќерка. Неговата ќерка е единствената од неговите потомци која го наследила уметничкиот талент, а на чие образование интензивно работи. Тој со гордост ни сподели дека нејзината умешност како уметник ја покажувала уште како дете кога барала да ѝ дадат простор за сликање.

ФОКУС: Своевремено изјавивте дека ретроспективата ве заплашува како своевидно сумирање на сето она што сте го создале. Го совладавте ли тој страв пред вашето ретроспективно преставување во уметничката галерија „Зураб Цетерели“ во Москва?

ЧЕМЕРСКИ: Малку се шегував и малку претерав. Кога немаш никакви рокови, не превртуваш документи, едноставно гледаш како се суши бојата, како се дружат другите бои, каква ќе биде следната подлога, немаш ни возраст, ни години. Наеднаш, си го пронашол крштелното, тоа повикува и повлекува поплава од документи.

Па, каде си роден, па кога си роден… и така  до недоглед. Повторувано стопати. Сега веќе премногу знаеш за својата возраст, на кои прегледи треба да одиш и како да го прифатиш дека и тебе ти се случило она што веќе им се случило на другите.

Нашата прошетка во Скопје Сити мол беше заокружена со убавите планови за она што следува во текот на првата недела од месец ноември, како вовед на неговите очекувања на пат кон Москва.

Поврзани новости