Главата на стоногалката

by lali 11:00
11:00

Пред самиот крај на 2015 година, потребно е да се направи пресек или резиме на едно владеење, кое живеењето во Македонија го донесе на работ на ненормалното. Сега висиме над бездна во која оваа власт чека да нѐ турне во 2016 година, клучна година за Македонија.

Кога ја замислувам оваа власт и се обидувам да ѝ најдам пандан во животинскиот свет, гледам стоногалка. Грозна, црна, долга, влечена од една размерно голема глава во однос на долгото вијугаво тело со ситни нозе. Она што прво не сакате кога ја гледате е да ве полази. Она што второ го чувствувате е блага морничавост и гадење. Она што трето го знаете е дека не треба да им се обрнува внимание на нозете, туку на главата што ги влече. Оваа власт како концепт не е ништо ново. Веќе видена во историјата на други народи, таа оставала пустош зад себе. Секогаш имала еден водач и секое свртување на вниманието од него на тие што се извршители на неговите идеи е погрешно. Ако се состави список на луѓето што ги исполнуваат желбите на првиот човек во државата, ќе се дојде до катастрофален резултат: тоа се луѓе кои на овој или на оној начин биле отфрлени од општеството, занемарувани, никој и ништо по своите перформанси, знаење и биографија, потполно несоодветни луѓе кои немале друго решение, освен да ставаат потпис на  човекот наречен „ми текна“. Затоа се тие потполно неважни во приказната, собирани по само еден принцип, да бидат исполнителни потписници-извршители. Кај оваа стоногалка клучна е главата. Што се случува во моментов во таа глава, не е тешко да се претпостави.

- Advertising -

По „бомбите“ во 2015 година, изгледа како сѐ да е исто. Тоа не е точно. Тоj е сега ранет ѕвер на кој ќе му биде одземена и титулата крал на животните и ќе стане еден од „обичните“ граѓани. Најбизарното нешто што може да се слушне е дека има луѓе кои не сакале да ги слушнат бомбите за да не се разочараат во ВМРО!

Она што ќе го направи е најцрната кампања против сѐ што му се спротивставува. Нема да се избираат средства, начин, методи и за тоа треба да бидеме подготвени. Исклучените лифтови, дупнатите гуми на автомобили, гласачите од Пустец и печатењето лични карти ќе бидат „шлагер“ во однос на она што допрва ќе го прави. Она што неизмерно сака да го направи е да пушта разговори кои ќе искомпромитираат поединци и нивните семејства, што ќе ги избламира приватно и државно и ќе ги изложи на срам пред јавноста, ќе ги скара семејствата, пријателите ќе ги изложи на јавен блам, и таа желба во краен случај, и без разлика на консеквенците и тоа што ќе покаже дека и тој ги поседува снимките. Подгответе се на најцрната кампања што може да се замисли, не на овие простори, туку и многу пошироко. Под водство на маркетиншките магови, тој ќе се претвора во сѐ што никогаш не бил, ниту има намера да биде. Ќе ја носи насмевката на игуана во време на хранење неволно, но по цел ден, како што некој неволник носи тесни чевли, но тоа стегање секако малку ќе му го наруши текот на маркетиншките мисли, па ќе си мисли дека е убаво да станеме руска губернија, Европа ќе ја мрази од дното на душата и лицемерно ќе зборува дека новинарите не го разбрале, дека политичките противници погрешно го интерпретираат. Европа за него е ноќна мора поради тоа што пред таа европска Македонија тој ќе треба да одговара за сета беља што ја направи, не што е преточена во бетон, не за Скопје што го направи постаро од самото себе, не за воскреснување на историјата никогаш ненапишана, ниту вистинита, туку за уништување на цел еден народ, за затворени врати на многу куќи, за зацрнети цели семејства. Ќе се труди да го носи оклопот на пристојност и политичка коректност, но тој ќе го стега во градите, го сече под вратот, му предизвикува гадење. Неговата новостекната грижливост нема да биде во склад со минатиот труд, подгответе се на маскиран човек во нешто што не е. Помаскиран од кога било и поопасен од кога било. Подгответе се за најцрната политичка кампања во Македонија, која ќе почне веднаш по празниците, а ќе се интензивира кога ќе биде развластен. Погледнете ја стоногалката. Таа што лази, се пика секаде и морничава е. Таква ќе биде нашата стварност во наредните месеци. Ќе имаме многу денови и ноќи на долго лажење. Ќе се вртат во спотовите лажните месии, кои туѓите маки ќе ги прифаќаат како свои.

Што ќе се случи? Народот ќе треба да го избере тој што се глуми самиот себе, а не некој што не е. Народот кој еднаш поробен, не ја изгубил слободата во толкава мера, колку што стекнал ропство.

Кога владетелот ќе стане диктатор, сиот општествен талог се собира околу него од ситни крадци и силеџии до оние со разгорени амбиции и силна алчност. Тие ќе го поддржуваат во кампањата за да го делат воениот плен, тие што со две раце прифатија да слугуваат.

Од Нова година почнува најцрната кампања што овој народ ја памети.

Борбата на некој што е никој и ништо за да остане нешто.

 

Поврзани новости