Гир: Во добрососедските односи, важно е политичарите да се воздржани во изјавите

by Fokus

Сите сме мошне посветени кон заедничко изнаоѓање решенија што ќе доведат до отворање на пристапните преговори на Северна Македонија што е можно побрзо, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, во одговор на новинарско прашање дали португалскиот предлог за деблокирање на нашиот евроинтеграциски процес ќе се разгледува и за време на словенечкото претседателство со ЕУ.

– Ги цениме напорите да се решат нерешените прашања меѓу Северна Македонија и Република Бугарија. Тоа е навистина важно и нешто кон што повикуваме што се однесува до отворањето на самите преговори. Тука можам да го повторам она што го кажува раководството на ЕУ, се надеваме дека преговорите ќе се отворат што е можно побрзо, истакна евроамбасадорот Гир.

На прашање да даде коментар за реториката на одделни бугарски политичари, како и на европратеник од Бугарија во однос на Северна Македонија, Гир рече дека кога станува збор за добрососедските односи, важно е политичарите да се воздржани во изјавите.

– Што се однесува до забелешките дадени од извесни политичари на други земји и пратеници од земји членки, јас нема да коментирам за тоа, не е тоа во мојата пракса. Но, важно е да се воздржуваме секогаш кога станува збор за добрососедски односи. Тие се навистина важни и затоа политичарите мора да се воздржуваат во таа насока, рече евроамбасадорот Гир на прес-конференцијата по повод потпишувањето на договор за поддршка на претпријатијата во износ од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Поврзани новости