Гинекологија Чаир ќе добие нов систем на греење за следната сезона

by Fokus

Гинеколошката клиника „Мајка Тереза“, во Чаир и оваа зима ќе се грее на мазут, одлуката за надзорот на изведувачите за воведување систем на гасификација ќе биде следната недела, периодот на градба според тендерската документација е 120 дена . И покрај тоа што болницата е еден од поголемите загадувачи и работи со котел стар 50 години, оваа сезона ќе нема негова замена со еколошки начин на греење.

Од болницата уште минатата недела потврдија дека веќе се снабиле со мазут и за него од својот буџет издвоиел 50.000 евра.

-Ние имаме редовен сервис на котлите и имаме вградено филтри кои исто така редовно се проверуваат, сме чекале толку години, па сега за краток период  и ќе дочекаме да биде конечно воведен новиот систем на гасификација, вели за Фокус портпаролот на гинекологија Чаир Илир Шурдани.

Инаку, во земјава има вкупно 17 болници кои се греат со мазут, чиј чад испушта огромни ПМ 10 честички во воздухот. Минатата зима, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, тогаш на клиниката и даде рок од 30 дена за изнаоѓање решение, или во спротивно тие ќе ставиле катанец. Минатата недела од Град Скопје за медиумите рекоа дека една мерка не е доволна, туку ветуваат долгорочна стратегија.

„За жал, проблемот со воздухот не е проблем што може да се реши со една и брза мерка . Стратегијата на нашата институција е да се фокусираме на долгорочни мерки, кои ќе имаат долгорочен ефект. Поради оваа причина, сега ги поставуваме основите за некои мерки, со ново зеленило, со регулирање на сообраќајот. Бевме сведоци на кратки мерки од претходната администрација, кои не го покажаа нивниот ефект“, рече Валон Салиху, Портпарол на Град Скопје.

Поврзани новости