„Ги сакам мечките, но повеќе ги сакам луѓето“, Ангелов бара отстрел на агресивните мечки

by Fokus

Центарот за управување со кризи бара Министерството за внатрешни работи да го истражи случајот со нападот на мечката во тетовско.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, изјави дека кога ќе бидат утврдени сите околности за нападот, МВР треба да собере детаљни информации за мечката и потоа да се побара од Министерство за земјоделство и од Министерството за екологија да извршат процена дали се исполнети условите за отстрел.

„Ние како ЦУК сме против убивање на мечките, ние сме против нивно застрелување. Тука зборуваме за опасни мечки што нападнале човек. Ги сакам мечките, но повеќе ги сакам луѓето. Ако некоја мечка нападнала човек и постои опасност пак да нападне, јас сум на ставот дека треба да биде застрелана“, рече Ангелов.

Според информациите, во последните десетици години досега не бил регистриран напад од мечка, па затоа ЦУК бара расветлување на случајот од страна на МВР.

„Вчера, лично зборував со човекот. Беше преплашен. Сакаме да дознаеме што точно се случило, зошто мечката го нападнала бидејќи факт е дека нападот не бил многу сериозен. Ако мечката сериозно го нападнала, ќе имаше многу посериозни последици. Можно е мечката да била исплашена бидејќи било ловен ден. Имало истрели од ловците, можеби бегала исплашена, налетала на него, го удрила, бидејќи по неговите кажувања само го турнала со шепите. Потоа го гризнала за слабините, но не силно, бидејќи раните се релативно плитки и мечката веднаш побегнала. Можеби се работи за несреќен случај кога во погрешно време се нашол на погрешно место. Дополнително, институциите ќе испитаат дали се работи за агресивна мечка“, рече Ангелов.

Поврзани новости