ТВ НОВА дезинформира и манипулира со гледачите, утврди Советот за етика на медиумите

by fokus

Комисијата за жалби, при Советот за етика на медиумите на Македонија, утврди дека водителите на Телевизијата НОВА манипулирале и ги дезинформирале гледачите. Станува збор за дебатната емисија со наслов „За или против геј бракови“ во Отвореното студио на оваа телевизија.

„Во својата одлука Комисијата за жалби најпрво утврдува дека водителот на емисијата во неколку наврати наметнува сугестивно мислење во однос на темата, кое во себе содржи елементи коишто можат да поттикнат дискриминација по различна основа (во случајот, сексуална). Со тоа, Комисијата најде дека се прекршени членовите 1, 10, 11 и 13 од Кодексот на новинарите на РМ. Во продолжение Комисијата утврдува дека водителката на дебатата, своите мислења ги камуфлира како факти, со што води кон дезинформирање и манипулација со публиката“, стои во соопштението од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ која ја поднесе жалбата.

Во емисијата за која станува збор, велат од таму, водителката во ниту еден момент не се обидела да реагира на исказите на говорниците.

„Наместо тоа, таа дополнително помага во засилувањето на стереотипите кон хомосексуалците во текот на емисијата, бидејќи ги поврзува хомосексуалните бракови со „разорувањето на македонското семејство“. Дополнително, на дебатата немаше претставници од ЛГБТИ заедницата, кои би го кажале својот став за темата“, додаваат од таму.

Преку оваа емисија, велат од Коалицијата, медиумот фаворизира ставови кои содржат говор на омраза против лицата со хомосексуална ориентација и ги стигматизира нехетеросексуалците преку изјави кои имаат за цел создавање на ирационален страв од ЛГБТИ лицата и поттикнување вербално и физичко насилство кон нив.

„Медиумите и јавноста можат да говорат против геј бракови или против унапредување на кое било право на ЛГБТ лицата и без да употребуваат говор на омраза. Но исказите со кои хомосексуалноста се квалификува како болест се говор наомраза и истите се базирани на предрасуди, а не на научна вистина. Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“,ја поздравува одлуката на Комисијата за жалби и ја повикуваат Телевизија Нова да ја почитува одлуката и јавно да ја објави. Истовремено ги повикуваат и другите медиуми истата да ја имаат предвид кога известуваат за ЛГБТИ луѓето“, посочуваат од невладината.

Комисијата ја обврзува телевизијата во својата програма да ја објави оваа одлука.

Поврзани новости