Вработените кои не доаѓале на работа се уште примаат плата, но одбиваат да работат

by fokus

До 2015 година имало околу шестотини вработени во Генералниот секретаријат на Владата, кои земале плата без да се појават на своето работно место. Следните две години бројот се намалил и сега изнесува осумдесет, изјави генералниот секретар, Драги Рашковски.

Овие лица, рече тој, се уште примаат плата и доаѓаат на работа, но одбиваат вршење на било каква задача.

-Располагаме со писмена евиденција во која се гледа дека овие вработени во последните две, три или четири години еднаш во неделата, во однапред подготвен распоред, доаѓале да се потпишат дека се присутни. Во останатите четири дена немале друга обврска. За да бидат работите пострашни, користеле годишен одмор, платено отсуство, биле фиктивно оценувани за својата работа и сите тие добивале една иста оцена – 3 од причина што според закон со добивање средна оцена ниту одите горе ниту долу, останувате на иста позиција – изјави Рашковски.

Според него станува збор за организирано делување во соработка со претходниот генерален секретар, вработените и службите кои го организирале таквото делување. Тој најави дека ќе биде покрената постапка пред надлежните органи, а по завршувањето на локалните избори ќе продолжи дисциплинската постапка што се спроведува во рамки на Владата.

Непосредно по промената на власта на само седум од нив им престанува работниот однос поради недоаѓање на работа три последователни денови. Рашковски се сомнева дека стотиците „неработници“ биле прераспределени во други институции, министерства и општини паралелно со објавувањето на политичките бомби и навестувањето дека ќе дојде до промена на власта.

Поврзани новости