Германскиот министер за надворешни работи вели дека лично се борел за решение во спорот за името

by fokus

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, вели дека во последните денови од преговорите за името лично се заложил за изнаоѓање решение и постигнување на договор. Мас во средата вечер одржа говор насловен „Храброст за Европа- Обединета Европа” пред група студенти во кој изрично се заложи за одредување датум за почеток на преговори со Македонија и Албанија на крајот на месецов, пишува „Дојче веле“.

Потенцирајќи дека исполнувањето на критериумите, во прв ред во однос на демократијата и функционалната правна држава, остануваат најважни, Мас рече дека Македонија најмногу направила на тој план.

„Некои земји добро напредуваат- во прв ред ПЈРМакедонија, каде во последните денови и јас лично се борев за изнаоѓање решение во спорот за името. Оттука јас сум изрично за условено отворање на преговорите за членство со двете земји“, рече Мас мислејќи на Македонија и Албанија.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска е во официјална посета на Берлин каде ќе побара поддршка од својот германски колега за ефектуирање на ветувањата за добивање датум за почеток на преговори.

Во следниот период клучен во таа насока може да се покаже состанокот на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Макрон закажан за вторник следната недела на кој проширувањето на ЕУ ќе биде една од главните теми.

 

Поврзани новости