Германска разузнавачка служба: Путин сака воена победа

by fokus

Речиси една година по почетокот на руската инвазија на Украина, раководството на Москва не покажува знаци дека е отворено за преговори за прекин на конфликтот, а рускиот претседател Владимир Путин сака да стави крај на војната на бојното поле, сметаат германски разузнавачи.

„Нема индикации дека Путин е подготвен да постигне мировен договор“, изјави шефот на германската надворешна разузнавачка служба БНД Бруно Кал за германската медиумска група Redaktionsnetzwerk Deutschland (RND).

„Путин сега е заинтересиран да го прекине конфликтот на бојното поле и да добие што е можно поголема предност таму, за да може да диктира мировен договор по свои услови во одреден момент во иднина“, рече шефот на германското разузнавање.

Русија започна целосна инвазија на Украина на 24 февруари минатата година.

Кал истакна дека Русија е способна да испрати многу повеќе војници на фронтот. „Од 300.000 војници кои Москва ги мобилизираше есента минатата година, некои сè уште се на обука, додека други се веќе испратени во првите редови“, додаде тој.

„Русија има дополнителен мобилизациски потенцијал до милион мажи, доколку Кремљ смета дека е потребно“, изјави шефот на германската разузнавачка служба.

И покрај нумеричката предност на Русија, Кал рече дека Украина, сепак, може многу ефикасно да се брани од силите на Москва.

„Но, ова е тешка долгорочна борба и ќе биде успешна на украинската страна само ако навистина се одржи поддршката од Западот“, додаде тој.

Кал ја опиша тековната состојба на бојното поле како рововска војна – „многу сурова, брутална војна на исцпрпување“.

Поврзани новости