Германија активираше „тревога“ за итно снабдување со гас

by Фокус

Германија денеска ја активираше втората фаза од вкупно трите што ги има нејзиниот план за вонредно снабдување со природен гас.

Германската влада соопшти дека ја активирала фазата на „тревога“, поради намалувањето на испораката на рускиот гас и високите цени на тој енергенс на пазарот.

Третата фаза од планот означува „вонредна состојба“, а германската влада соопшти дека претходно ги известила европските партнери за одлуката.

Од владата додаваат дека складиштата за гас во моментов се исполнети до 58 отсто од капацитетот, што е повеќе од лани, а дека до декември без дополнителни мерки не може да се пополнат 90 отсто од капацитетите.

Министерот за економија Роберт Хабек рече дека „ситуацијата е сериозна“.

-Намалувањето на снабдувањето со гас што го воведе Путин е економски напад врз нас. Ние ќе се браниме. Но нашата земја ќе мора да тргне по трнлив пат. Дури и да не го чувствуваме тоа во моментов, нашата земја веќе е во гасна криза – рече Хабек.

Поврзани новости