Георгиевски: Затемнување на некои програми може да биде решение на спорот меѓу телевизиите и операторите

by Фокус

Проблемот помеѓу радиодифузерите и операторите на јавни комуникациски мрежи (кабелски, ИПТВ, сателитски..) е во еден подолготраен спор околу тоа дали некој некому треба да плаќа за реемитување на програмски сервиси или не, вели во изјава за Фокус претседателот на Центарот за развој на медиуми, Дејан Георгиевски.

-Кај нас, поради релативно евтината претплата за кабелска телевизија која ви нуди, во основен пакет, огромен број телевизиски канали, пенетрацијата на кабелските (и другите оператори на јавни комуникациски мрежи) е страшно висока. Според некои истражувања, повеќе од 90 отсто од публиката пристапува до ТВ содржини преку кабелска телевизија (ова ги вклучува и ИПТВ операторите). Ако е некоја утеха, тоа е паневропски тренд и бројките се слични и во Франција и во Германија, на пример. Оттаму, за телевизиите да стигнат до публиката, просто мораат да се потпираат на кабелските оператори. Се работи за комерцијален однос и договор на приватни субјекти, дали некој некому ќе плати и колку зависи од тоа кој ја има моќта во тој однос, а моментално на таа вага претежнуваат кабелските оператори. Тоа, во голема мера се должи и на нашите неадекватни политики на доделување дозволи за емитување, кои остануваат закотвени во времето на аналогната телевизија – вели Георгиевски.

Според него, и двете страни, односно и телевизиите и операторите имаат аргументи на своја страна. Тој објаснува како оваа проблематика е регулирана во Европската унија.

-Аргументот на телевизиите, за ова конкретно решение за кое тие лобираат веќе подолго време, е дека примат и приоритет има принципот на територијално регулирање на правата, и дека во тоа име, може да се забрани пристап до содржини и од друг субјект освен носителот на правата или авторот, во случај кога авторските права за Северна Македонија не се купени од никого.

Според Делегацијата на ЕУ во Скопје, која консултирала експерти од соодветните компетентни тела на Европската Комисија, таква или слична пракса не постои во земјите членки, државата или јавни тела да бараат таков тип на декларација или одговорност и, бидејќи се работи за приватен договор на две договорни страни со кој се регулираат правата, останува на носителот на правата да бара заштита ако смета дека авторското право или сродните права му се повредени. ЕУ од лани има нова, дополнета директива за авторските права во склоп на Единствениот дигитален пазар, која цели, од друга страна, да ја зголеми размената на аудиовизуелни содржини преку границите и меѓу земјите членки – вели Георгиевски.

Тој оценува дека овој латентен конфликт помеѓу телевизиите и кабелските оператори најбрзо ќе се реши на тој начин што или телевизиите ќе им наложат на кабелските оператори да не ги „носат“ нивните програмски сервиси, или пак, кабелските оператори ќе решат да престанат да ги „носат“ телевизиите на своите платформи.

-Работата е што двете страни се обложуваат дека гледачите ќе застанат на нивна страна. Ако им се значајни турските серии и политичките talk show програми, ќе се откажат од кабелските претплати и ќе одат на ДВБ-Т платформата. Ако им е поважна понудата на други видови програмски содржини, ќе останат на кабел. Кабелските оператори, попат, ќе се соочат со своите потрошувачи и неисполнети договорни обврски, и тоа може да се искористи за притисок врз нив. Од друга страна, можно е, поради изборите кои се зад аголот, можно е државата, олицетворена во регулаторните тела (покрај АВМУ, претпоставувам дека и АЕК ќе има нешто да каже), набрзина да интервенира. До вистинско одржливо решение можеме да дојдеме само со детална ревизија на цела една серија на политики во областа на аудиовизуелните медиумски услуги – објаснува Георгиевски.

Тој додава дека досегашната пракса со барање да се затемни нечија програма во периоди кога се емитува програма за која имаме локален носител на правата е доволна. Според него, кабелските оператори немаат ништо против тоа решение, што функционираше одлично во време на светското ракометно првенство.

В.С.

Поврзани новости