Георгиевски до бугарската јавност: Изживувањето со премиерот Зоран Заев го достигна врвот!

by fokus

Поранешниот премиер, Љупчо Георгиевски, со критики и се обрати на јавноста во Бугарија по последните реакции што ги предизвика таму изјавата на премиерот, Зоран Заев, дека Илинденското востание е македонско. Според Георгиевски бугарскиот државен и политички врв спроведува наполно непринципиелна политика, иако, вели тој, Заев е прагматичен политичар кој дава благонаклонети изјави и кој сака да изгради пријателство со Бугарија.

„Сведоци сме на една крајна ароганција, дрскост, демонстрирање на тотално непознавање на внатрешните состојби во Македонија и на длабоко поткопување на позициите на својот пријател“, пишува Георгиевски во својата колумна насловена „Нова криза во македонско-бугарското пријателство“, објавена за БГНЕС.

Тој го критикува односот на Бугарија кон проблемот со МПЦ и изразува жалење што мнозинството, како што вели, не разбра колку храбар чин направи Македонската православна црква, иницирајќи Бугарската православна црква да ја признае за мајка црква.

Тој го осудува и чинот кога на претседателот, Ѓорге Иванов, му беше затворена вратата од страна на бугарскиот преимиер при неговата службена посета во Бугарија.

„За ваква грубост подолго време немам чуено во меѓународната дипломатија. Треба да се биде свесен дека тоа не е само личен чин спрема некаков политичар, туку и однос спрема институцијата претседател на соседна држава. А врвот го достигна изживувањето со премиерот Зоран Заев. На почетокот се замислив во што е неговата грешка?! Илинденското востание било македонско?! Потоа уследи, небаре координиран масакр од највисоките бугарски политичари и од голем број колумнисти и новинари. Значи ли тоа, скапи комшии, дека имаме нова забрана за употреба, овој пат на придавката македонски? Имаме ли нови проблеми кои што никогаш досега не постоеле, дури ни во бугарската историографија?“, ги прашува Георгиевски нашите источни соседи.

Сега кога почнуваме да зборуваме за суштинско приближување, додава Георгиевски, некој измислува проблеми кои што не постоеле ни во најекстремните бугарски кругови.

„Зар допрва треба да се објаснуваме дека сѐ што се случило на територијата на Македонија може и се подразбира да се нарече македонско. Зар тракиските споменици на територијата на Бугарија не се бугарски? Но, проблемот не е само во географската определба, тој содржи и суштинска димензија. Ако илинденското востание е дигнато од организација која се нарекува македонска, ако крајната цел е автономија на Македонија, зар не можеме да го наречеме македонско? Впрочем, ако Илинденското востание не беше македонско, зошто во триесеттите години на дваесеттиот век, бугарската комунистичка партија ја притисна Коминтерната да ја признае македонската нација што беше нивна политика скоро три децении. Ако Илинденското востание не беше македонско, денеска ќе постоеше ли воопшто самостојна и независна Македонија со целосна поткрепа на нејзините граѓани?“, прашува тој.

Георгиевски и порачува на бугарската јавност дека во Заев има прагматичен пријател.

„ Немојте да дозволите толку лесно да ја изгубите неговата наклонетост, затоа што можеби во моментот е единствениот политичар подготвен да се извини за нешто што не згрешил. Ако тој падне, да се појави втор таков ќе чекате две-три децении!“, додава тој.

 

Поврзани новости