Георгиески: Поради карантинските мерки, во Охрид пристигнаа голем број гости

by Фокус

Општина Охрид тековно ги презема сите мерки кои се во надлежност на Локалната самоуправа за соодветна заштита и превенција од Ковид 19 и постапува според сите мерки и уредби кои ги носи Владата, порача Константин Георгиески, градоначалник на Охрид, каде викендов има наплив на луѓе од цела држава.

„Кризниот штаб постојано се координира, се спроведуваат сите тековни активности кои се предвидени во локалниот оперативен план за делување. Исто така, постојано се реализираат вонредни мерки за дезинфекција и миење на улиците и јавните површини во градот. Поради карантинските мерки кои се активни во неколку градови во државата, во текот на вчерашниот ден во Охрид пристигнаа голем број гости“, напиша Георгиески на фејсбук.

Тој апелира сите посетители кои во моментот престојуваат во градот да ги почитуваат сите мерки за заштита и превенција, односно да носат заштитни маски, да одржуваат потребна дистанца и лична хигиена, да не се организираат семејни собири, да се почитува во целост полицискиот час…

„Упатувам апел и до трговците и угостителите, да ги почитуваат сите протоколи за работа во текот на викендот. Упатувам апел до надлежните инспекторати да ги засилат теренските контроли на угостителските објекти, на трговските објекти и на сместувачките капацитети, со цел да се почитуваат протоколите и да се превенираат несакани последици. Да бидеме максимално одговорни, да го зачуваме сопственото и јавното здравје“, порача Георгиески.

Поврзани новости