Георгиевски и Бошкоски демантираат дека ги напуштиле преговорите: Ова е диверзија!

by fokus

Најодговорно тврдам дека досега не станало збор за коалицирање ниту со ВМРО – ДПМНЕ, или со СДСМ, тврди Љубе Бошкоски, лидерот на Обединети за Македонија во изјава за „Фокус“, по информациите што се појавија попладнево дека дефинитивно пропаднале преговорите на десницата и дека вината за тоа паѓа на терет на Љубчо Георгиевски и Бошкоски затоа што не дале гаранции дека нема да влезат во коалиција со ВМРО – ДПМНЕ.

„Фокус“, попладнево ги затекна Бошкоски и Георгиевски на заедничка средба и како што ни рекоа и двајцата се изненадени од ваквите информации, затоа што досега се разговарало само за технички прашања (поделба на места на кандидатските листи), а не и за коалицирање на десниот блок со било кого.

„Најодговорно тврдам дека досега се разговараше само за технички прашања, така што непријатно сме изненадени од информациите за какво било коалицирање. Ваквите информации можам да ги протолкувам како диверзија на преговорите“, изјави Љубчо Георгиевски за „Фокус“.

Бошкоски вели дека е спремен да се соочи со тие што тврдат дека тој се откажал од преговорите и дека неговата партија понудила три први и три втори места на кандидатските листи, што ја покажува неговата заложба за одржливост на преговорите, а не за минирање.

Според информации што ги објави МКД.мк Коалицијата за промени и правда (Демократски сојуз, ФРОДЕМ, ДЕМОС и МОРО – Работничка партија) велат дека не добиле никаква гаранција дека по изборите Гергиевски и Бошкоски не би коалицирале со сегашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, и дека ВМРО – НП и Обединети за Македонија ги напуштиле преговорите. Порталот пишува и дека имало недоразбирање  во поделбата на местата на кандидатските листи и дека „амбициите на ВМРО-НП и на Обединети за Македонија биле нереални во однос на нивната вистинска позиционираност и рејтинг меѓу гласачите.“

С.М.

 

 

 

Поврзани новости