Генерален штрајк и протести во Грција поради железничката несреќа

by Фокус

Двата најголеми грчки синдикати на вработените во државниот и на вработените во приватниот сектор, како и синдикатот на Комунистичката партија, започнаа 24-часовен генерален штрајк што ќе ја парализира Грција.

Причината, како и на протестите во изминатите две седмици, така и денеска е железничката несреќа со 57 жртви што се случи на 28 февруари кај Темпи. Синдикатите порачуваат дека „криминалот нема да се прикрие“.

Денеска во Грција не функционираат државните служби, затворени се училиштата, бродовите и траектите се закотвени на пристаништата, проблеми има во авионскиот сообраќај со откажани летови, а јавниот превоз во Атина ќе работи само неколку часа.

Во штрајкот учествуваат и синдикатите на вработените во државните болници, како и студентски здруженија и организации. Паралелно со тоа, закажани се протести во Атина и во другите грчки градови.

Генералниот штрајк го поддржаа и новинарите, организирани од нивните здруженија. Kако што е пракса во изминатите години, нивниот прекин со работата беше ден претходно, за да можат денеска да ги покријат протестите и демонстрациите.

Поврзани новости