Гази сѐ пред себе!

by lali

Кога животот губи вредност, тогаш кон туѓиот живот се однесуваме со комплeтно игнорирање. За да преживееме, се бориме за простор во кој сите други се вишок.

Филозофијата на борба за работно место, борба за книшка, за автомобил, стан и диплома, ја наметна оваа власт, која го поништи човечкиот живот по сите основи и ги сврте луѓето едни против други. Не ѝ требаат веќе кучињата со затнати муцки со корпи што ги шеташе пред Собранието во време на протестите зашто веќе беше завршена работата на друго ниво. Луѓето сега одат едни на други, борбата е човек на човек, борба за преживување што не знае за правила.

Оттаму доаѓа и ова беснеење по улиците. Како слепило да ги фатило оние зад стаклата на автомобилите, како сонце да ги заслепило, па не гледаат нити зебра, ниту семафор, а ни човек пред себе, зашто тој за нив нема никаква вредност. Му се устремуваат и го тераат да бега пред нивната агресија, која им ја овозможува една машина што ги прави моќни да покосат.

„Гази сѐ пред себе“ е филозофија на животот што ја наметна немаштијата, која ја докусурија сите униформирани и неуниформирани лица, кои демнат зад шалтери и на врати.

Премиерот како главен креатор на една абнормална државна политика е на нивно чело. Тој ги построи и ги устреми кон народот. Измисли професии кои веднаш ги присвои една група желна за профит, па беше востановен извршителот, главното страшило на овој мал сиромашен простор преку кој стасуваа оние истуткани ливчиња, кои ве повикуваат да си ја подигнете пресудата од шалтер. Ако не си ја подигнете милом, тие ќе ве суредат силом. Така се формираше нова класа луѓе, кои преживуваат на маката и јадот на другите игнорирајќи го тој податок и инсистирајќи дека секој е за себе. Тој кабинет што ја креираше оваа затворена средина полна со противречности учи на тоа дека секој е за себе, секој се бори за своето место, а сите заедно се за нив. Ако не се за нив, ќе бидат против себе и така се вртат во тој маѓепсан круг наречен живот во кој се гази сѐ пред себе. И апстрактно и конкретно.

На две улици, на два различни краеви од градот, згазија две девојчиња. Само што пркнале во цветот на младоста, нив ги покосува машината управувана од човек кому не му се важни. Тие за него немаат име, немаат возраст, ниту треба по нив да се жали. Тие се туѓи деца.

Да покосиш некого на пешачки, макар и да поминал на црвено во оваа држава, не е злостор, злостор е ако на државата не ѝ платиш рекет. Криминалецот што одбил да ги финансира лежи затвор 15 години, убиецот на човек кого го покосил на тротоар лежи затвор пет години. Се исправил пред судијата и вели дека се кае. Зашто на децата им ја зел мајката, а на мажот жената, на пријателите добрата пријателка, а на родителите ќерката. Не бил при здрава свест. Државата ќе го помилува со ваква казна и ќе ги охрабри идните убијци кои нема така да ги нарече да покосат сѐ што ќе им застане на патот. Како инаку ќе бидеме сѐ помалку за да може со ситен народ да се владее и повеќе пари да останат. За да се прошират улиците по кои ќе беснеат машините за убивање. Машината против човекот ќе биде сѐ додека се поттикнува борбата на секој со секого за место.

Ако пред триесетина години згазевте човек, тоа ќе ви стоеше на совест до крајот на животот. Ако сега згазите човек, тоа е еден човек помалку кој конкурира за работно место, партиска книшка, мој термин, скенер операција, стан и за кредит.

Во нашата бавча има сѐ помалку цвеќе, а се повеќе трње. Второво го убива првото. Каде спаѓате вие?

Гази сѐ пред себе многумина го сфатија буквално. Па, газат. Или ќе им се тргнете од патот или ќе им застанете на патот. Имате избор.

Поврзани новости