Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го прифаќа предлогот на газдата на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, да му се укине мерката притвор доколку достави соодветна парична гаранција.
Јахоски е во притвор како осомничен за „перење пари и други приноси од казниво дело“ во случај во кој се стекнал со значителна корист откако влегол во заедничка шема на трошење на парите од заработката на РКМ на Ратко Капушевски од продажба на мазут за време на енергетската криза.
„Во мислењето, јавниот обвинител истакна дека предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60 672 235 денари, може да биде основан само ако осомничениот, во исто време, на посебна сметка на судот, дополнително да депонира и износ од 72 000 000 денари. Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага обвинителството, износот од 72 000 000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист за овој осомничен од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување од него“, соопшти ОЈО ГОК.
Побарано е од судот на осомничениот да му бидат определени и мерки на претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува на определено службено лице или надлежен државен орган и привремено одземање на пасошот.
„Притоа, обвинителот ги имаше предвид и списите во предметот, како и фактот дека обвинителството во меѓувреме обезбеди поголем дел од материјалните и вербалните докази, со што значително е намален ризикот дека тој би можел да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци.
Согласно даденото мислење, само со определување на сите погоре наведени мерки обвинителството ќе смета дека се исполнети условите за укинување на претходно изречената мерка притвор“, велат од Обвинителството.