Гавазова, Петрески и Митев ја донираа државната помош, останатите музичари пак ќе бараат финансиска поддршка

by fokus 15:19
15:19

На 31-ви декември државата им исплати повеќе од половина милион евра, како финансиска помош на естрадните уметници кои се погодени од ковид кризата и се оставени без настапи веќе подолг период.
Помошта од по 43.552 денари, односно средства во висина од по две плати од 21.776 денари легнаа на сметките на околу 730 естрадни уметници.

Според првичните информации, Сузана Гавазова, Наум Петрески и Јордан Митев се музичарите кои се откажале од овие средства, и истите ги донирале на социјално ранливи семејства.

- Advertisements -

-Зарем тебе ти дојде до тие пари, кај ќе ти оди душата? Многумина ме навредуваа со погрдни зборови кога државата ја додели финансиската помош, иако тоа се мои пари кои сум ги заслужила со пеење, и не сум барала државна помош. Ги зедов парите, ама не ги задржав, ги донирав на социјално загрозено семејство – изјави Гавазова за Шило Магазин неодамна, појаснувајќи дека не планирала да се фали со тоа што го направила.

Околу тоа дека и Наум Петрески и Јордан Митев ќе ги донираат средствата добиени од државата, потврдува и Горјан Стојановски, претседател на Здружение на естрадни уметници.

-Наум Петрески и Јордан Митев ми кажаа дека ќе ги донираат, за други музичари немам информација.
Благодарни сме на финансиската помош, но парите бргу се трошат, и во нареден период повторно ќе побараме помош.
Бидејќи единствено нашата професија има забрана за вршење на дејност, веќе ги потсетивме владините претставници кои се занимаваат со оваа проблематика да не имаат во план и за петтиот пакет на мерки.
До крајот на месецот ќе видиме колку луѓе ќе се пријават во Здружение на естрадни уметници, па ќе знаеме за колку да бараме финансиска помош – појаснува Стојановски.

Вели дека е познато како естрадата најмногу заработува за време на новогодишните празници, и додека кафеаните и моловите биле полни, музичарите биле единствените кои што не заработувале во тој период.

-Што се однесува до финансиската помош од државата, ќе бидеме задоволни со истата сума која ја одобрија и минатиот пат, со оглед на ситуацијата во која се наоѓа целиот свет, па и ние. Среќни сме ако го сочуваме здравјето, а поголеми пари ќе си направиме сами – ни изјави претседателот на ЗЕУМ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости