Гацов: Владата да продолжи со мерките за погодените субјекти, но во рамки на можностите

by Фокус

Денес објавените мерки од Владата за поддршка на стопанството се одмерени и реално можат да се спроведат, што значи приспособување на трошењето на собраните буџетски приходи, кои пак се прибираат полошо од планираното, смета економскиот аналитичар Павле Гацов, кој е дел од кабинетот на министерката за финансии Нина Ангеловска.

„Во 2020 година година, Македонија мора да врати робусен износ на позајмени средства од минатото. Таа обврска не се одложува. Високата фиксна сума потребна за враќање на старите заеми, буџетираните фиксни права (буџетски расходи) за исплата за плати, пензии, социјални трансфери, и сл. од една страна и силно намалените приходи од друга страна ја прави позицијата на државата некомотна. За решавање на ваквата економска состојба (за жал се работи и за трендови) потребно е да се моделираат мерки на краток рок“, напиша Гацов на фејсбук.

Тој посочува дека потребно е да се донесат мерки за анулирање на падот на јавните приходи, да се спроведат механизами за зголемена наплата на јавните приходи од субјектите кои вршат деловна активност, а во фазата на анулирање на ефектот на падот на економијата не треба да се размислува за зголемување на јавните давачки.

„Да се продолжи со мерките на финансиска поддршка на погодените деловни субјекти и граѓани, но да се внимава на финансиските можности на државата, за да се елиминира перцепцијата дека Владата е институција за исполнување на желби и амбиции на поединци и групи. Владата треба да го обезбеди функционирањето на економскиот систем и да ги намали штетите, особено непоправливите штети во економијата (масовно отпуштање на работници). Поддршката засега се врши со прераспределба од буџетски (планирани) ставки“, истакнува Гацов.

Тој додава дека треба и да се анулираат сите непотребни трошења и да се заштеди на секој можен начин без да се нанесе штета на функционирањето на системот, при што, според него, неопходно ќе биде ново робусно задолжување.

„Интересен е ставот на некои економисти кои предлогот (кој не помина) за намалување на некои буџетски расходи го перципираат како намалување на потрошувачката (агрегатната побарувачка). При тоа, забораваат дека намалувањето на едни ќе значи префрлање на други, што од аспект на макроекономските агрегати никако не значи намалување на потрошувачката (потрошувачката на макро ниво останува иста, или приближно иста, малите разлики се предизвикани од различните потрошувачки навики на различни групи потрошувачи кои имаат различна економска сила, задолженост и сл)“, пишува Гацов.

Поврзани новости