Арсовски: Заев ќе ги менаџира тензиите меѓу ДУИ и БЕСА за постабилна влада

by Фокус

И покрај тензиите меѓу ДУИ и БЕСА, мандатарот Зоран Заев ќе успее да формира влада со сите албански партии освен ДПА, што ќе и овозможи поголемо парламентарно мнозинство и поширок дијапазон на дејствување додека не се прекршат одредени демократски и правни процеси во државата, вели за Фокус политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

-Во поинакви околности, БЕСА најмногу би сакала како опозиција да ги дочека локалните избори, за да може да води офанзивна кампања против ДУИ, или, пак, да ја поддржува владата на Заев однадвор, со тоа што постојано ќе ја условува поддршката. Сепак, оваа партија моментално има повеќе причини да учествува директно во владата со свои министри, бидејќи во спротивно ќе биде обвинета дека одработува за ВМРО-ДПМНЕ, која е прогласена за непријател на Албанците. Но, исто така, би одела и во спротивна линија од насоките на меѓународната заедница, која инсистира на формирање на фронт против ВМРО-ДПМНЕ, чии функционери се и ќе бидат дел од правни разврски – истакнува Арсовски.

До кога ќе трае ваквата влада на СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците, според него, нема толку да зависи од интересите и плановите на албанските ривали, колку од начинот и вештината на Заев да ги менаџира односите меѓу нив.

В.С.

Поврзани новости